Гледајќи низ призмата на авторската еволуција во овој роман и досегашното творештво на авторката, полека и прогресивно се кристализираат двете приказни чие дејство е стационирано во Сиена и Љубаништа, надоврзани како голема и мала премиса како што пишува за романот писателот Стефан Марковски.
Во првиот план на палимпсестната структура која одовде произлегува, огледана и во бројните арспоетички нишки, е онаа на една младата творечка енергија полна надеж, внатрешни болки и колизии, но и волја за нивно и надминување на стравовите од нив. Сето тоа неминовно води низ откривањето на првата менлива во исконското од равенката на сите стравови: на познатото, како дел од патешествието наречено преобразба на главниот лик Калина.
„Равенка на стравот“ е храбро соочување на индивидуата со потиснатите морални дилеми и стравови во себе; талкање низ мисловниот лавиринт на личноста во обид да се победи самотијата и да се оствари личната слобода и среќа, како што пишува за романот Трајче Стамески.
Авторката Мукоска истакнува дека фокусот е на главниот лик – сликарката Калина чија внатрешна окупираност од сликата што ја осмислува цели три години влијае врз нејзината сегашност низ која се провира гласот на гавранот на Едгар Алан По. Појавувањето на гавранот на По е еден вид патоказ за нејзиниот пат низ равенката на пат да стане равенство.
Така, романескната структура води низ разрешување на внатрешниот заплет во кој преовладуваат психолошките рефлексии наспроти надворешните дејства што се случуваат во ликовната колонија на сликарот Емилијан Де Ремарос. Она што го доближува овој роман до самата реалност, до животните премиси и до самото човечко себеспознание се прашањата што се разјаснуваат преку исчитувањето на овој роман: Како да се стигне до целта, која таа и да е, преку философијата или уметноста? Колку љубовта влијае врз нашиот живот? Колку животот нè учи на надеж? Дали има нешто што вечно сјае? И можно ли е тоа?
Верица Мукоска (1999, Вевчани) дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Го објавила романот „Дневникот на длабоките тајни“ (2017) и стихозбирката „Стихови од срцето на природата“ (2009). Присутна е со есеи и прилози во книжевната периодика.
Промоцијата на романот „Равенка на стравот“ од Верица Мукоска се одржа на 12.09 (недела) во 13 часот на Саемот на книга во Скопје.
Промотор на романот беше Стефан Марковски.