Мегафон „Прво па женско“ Ви најавува

АКУА НАРУ премиерно во Скопје!

АКУА НАРУ премиерно во Скопје!

ТАКСИРАТ Фестивал годинава го одбележува своето јубилејно 20-то издание, а прославата за 20 години алтернатива во Македонија стигнува и во рамки на престојното издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“ кој ќе се одржува во МКЦ од 3-ти до 6-ти мај.

Како резултат на оваа соработка на „Таксират“ и организацијата „Тиииит! Инк“, во Скопје ја пречекуваме американската пејачка со светско реноме, феноменалната АКУА НАРУ (Akua Naru). На концертот за затворање на „Прво Па Женско“, на 6-ти мај (недела) во МКЦ, за прв пат кај нас, македонската публика ќе има прилика да ја чуе во живо една од водечките женски хип-хоп вокали.

Нејзината музика претставува комбинација на хип хоп, џез и соул. Себе си се опишува како политичка хип-хоп уметница и активистка. Нејзиниот звук го споредуваат со flow-то на Раким, поетиката на Лорин Хил и, конечно, во единствената моќ да говори во име на афро-американките, со Нина Симон. Акуа храбро јо комбинира „новата“ и „старата“ школа, бранејќи ги своите ставови со уникатни метафори.

Акуа Нару зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и ширум светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“. Со објавувањето на деби-албумот „…The Journey Aflame“, Нару се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката. За овој албум пишуваа многумина познати хип-хоп критичари, од Њујорк до Москва. Синглот „The World Is Listening“, продуциран заедно со JR & PH7, набрзо се најде на првото место на листата на американското колеџ радио, се вртеше по радио станиците во Франција и Германија и се продаваше по продавниците за плочи од Париз до Токио… дефинитивно светот го слушаше  „…The Journey Aflame“. Со продукција на која се потпишаа некои од најважните имиња на германскиот хип-хоп, како продукциската куќа TheDrumkidz, JR & PH7, 7inch и други, албумот го заслужи своето место во хип-хоп историјата, а Нару покажа дека нејзиниот пат не само што се вивна во врвовите, туку допрва блеснува во сиот свој сјај.

Со својот препознатлив бум бап хип-хоп звук, општествено разбудените рими и џез-соул елементи, Нару го привлече вниманието и доби многу охрабрувачки критики. Во својата кариера има настапувано со Тони Ален, тапанарот на Фела Кути, хип хоп групата „The Lords of The Underground“, со Вакс Тејлор, Анџелик Киџо, „Questlove” од „Д Рутс“ (The Roots) и т.н. Ја споредуваат со хип-хоп ерата од 90-тите, нејзиниот музички и поетски талент високо го ценат еминентни хип-хоп критичари, а нејзините настапи во живо се жестоки и незаборавни.

Настапува придружувана од бендот „Д Дигфло“ (The DIGFLO), ансамбл со шест членови на удиралки, клавијатури, саксофон/флејта, бас, гитара и миксер. Акуа Нару и нејзиниот бенд навистина ја заробуваат, ја инспирираат и покренуваат публиката. Јасно е, музиката и настапот на Акуа Нару се тестамент за наследството на соул музиката и на моќните жени во музиката воопшто.

И додека светската сцена го очекува објавувањето на нејзиниот нов албум „The Blackest Joy“ закажано за 27-ми април, во рамки на истоимената турнеја со која оваа пролет таа гостува во светските метрополи, вистинска привилегија е извонредната АКУА НАРУ да ја пречекаме и во Скопје, на 6-ти мај во рамки на „Прво па женско“.

To top