Филмскиот фестивал Скопје синема сити организира дводневен летен филмски настан, Chill Out, во отворениот простор на Кинотека на Македонија, на 27 и 28 август 2021. Настанот ќе се отвори со изложба на визуелниот уметник Стефан Шашков „Мешање звуци“, која е инспирирана од музиката на авангардните амбиент-музичари Брајан и Роџер Ино, Џон Хасел, Харолд Бад и Роберт Фрип. Во продолжение, првиот ден ќе бидат прикажани документарни филмови за Брајан Ино, „Имагинарни пејсажи“ и „Џон се обидуваше да контактира со вонземјани“, како и „Приказни од искршениот џубокс“ за музичарот и поет Том Вејтс. Вториот ден ќе се прикажат филмовите „Гранд Хотел Барбес“ и „System K.“
Брајан Ино е една од најважните фигури во светот на музиката и визуелните уметности како во 20., така и во 21. век. Иновативен, експанзивен и контроверзен, Ино, во кој било момент од неговата богата кариера наидувал на топол прием и признанија поради своите идеи, емотивен интензитет и музички иновации. Сето тоа ќе биде прикажано во филмот „Имагинарни пејсажи“, заедно со изложбата на Шашков „Мешање звуци“.
Настанот е организиран во соработка со Кинотека на Македонија и со Францускиот културен центар. Тој ќе биде реализиран според актуелните здравствени протоколи кои се одобрени од Министерството за здравство за организација на јавни настани на отворено.
Авторка на визуелното решение е Дијана Димитриевска.
Редовното 7. издание на Скопје синема сити е планирано да се отвори на 19 септември 2021.