Најдобриот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан, вчера пристигна на одмор во Хрватска, а по престојот во Сплит, денеска замина во Шибеник, каде што е снимен како ужива во џет-ски вожња.
Џордан е во Хрватска со семејството и пријатели, каде плови со јахтата O’Pari. Станува збор за јахта направена во 2020 година, долга 95 метри и има шест палуби, а нејзината неделна кирија чини дури милион евра.
Легендарниот кошаркарски ас синоќа од својата луксузна јахта ги поздрави насобраните граѓани на Сплит и туристите, а Џордан големо внимание од фановите привлече и денес во Шибеник.
Го посети и Националниот парк Крка, а порталот ŠibenikIN објави ексклузивни снимки како се забавува возејќи џет-ски.
Џордан со Чикаго Булс освои 6 титули во НБА лигата. Првите три ги освои до 1993 година, а потоа, по смртта на неговиот татко, одлучи да игра бејзбол, за потоа да се врати на паркетот во 1995 година.
Потоа освои три нови шампионски титули и повторно се пензионираше, за да се реактивира во 2001 година, по пауза од три сезони. Овојпат играше во дресот на Вашингтон Визардс и тоа на 40 години повторно постигнувајчи просек од преку 20 поени по натпревар.
Во текот на кариерата беше доминантен на двете страни на паркетот. Беше најдобар стрелец во лигата 10 пати, 9 пати се најде во најдобрата дефанзивна петорка, освои 5 титули МВП и 6 шампионски титули, и без сомнение е најдобриот кошаркар на сите времиња.