Наградата за најдобра машка улога на 18. по ред издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, му е доделена на актерот Зоран Љутков за улогата на Силен во сатирска игра во режија на Деан Дамјановски во претставата „Орестија”.
Претставата е копродукција на велешкиот Народен театар „Ј Х К-Џинот” и Националната опера и балет.
Како што се вели во образложението на жири комисијата на фестивалот, Зоран Љутков во улогата на Силен се карактеризира со суверено и зрело мајсторство во сите сегменти на ликот реализирани прецизни актерски, пејачки и танцови партитури низ кои со неверојатна леснотија се претставени психоемотивните нијанси од драматичното во комичното со што неговиот лик несомнено станува актерски столб на целокупната театрологија „Орестија”.