Мегафон

Десетто јубилејно културно – забавно лето: „На зајдисонце во Трпејца“

Десетто јубилејно културно – забавно лето: „На зајдисонце во Трпејца“

Од  20 јули до 28 јули во Трпејца се одржува десеттото културно-забавно лето „На зајдисонце во Трпејца“.

Манифестацијата се одржува под покровителство на Општина Охрид, а веќе втора година е поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и од други бројни спонзори и помагатели.

Во чест на десетгодишнината ќе биде прикажан и видео материјал под наслов „Ние на зајдисонце“. Вечерта ќе биде заокружена со концерт на познатите „Силви Бенд“.

Следните седум дена трпејчани и гостите ги очекуваат средбите со Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, со авторите на Рибарскиот алманах, проф. д- р Теон Џинго, доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе и презентерот Славчо Новески, како и настанот работно насловен „Еден поглед на Трпејца од ономастички аспект“ со проф. д-р Мери Јосифовска.

Десеттото „На зајдисонце“ се вклучува во одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески со вечер „Поезијо чувствата ми ги будиш“ на која со избор од поезија од Конески и од други домашни светски поети ќе настапат Марија Кондовска, Симон Јаковлев – Писин во придружба на Лео Спасески – Охридски ( синтисајзер).

На листата на учесници се и младите Христијана Матеска – хармоника и Марија Џуклеска – виолина. Тие ќе настапат на Вечерната променада наречена „Со кајче по езерото“ а во Трпејца свои концерти ќе одржат дуото „BLACK MOON“ , бендот „Броз“, Градскиот хор „Вокс Лихнидос“, ансамблот „Билјана“ и пејачката група и оркестар од Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид.

Од културните настани во рамките на летото се и традиционалната изложба на дела од Ликовната колонија „Трпејца 2020“ и настанот „Цртаме на зајдионце“.

Во рекреативниот дел се традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и Малиот пливачки маратон помогнати од Асоцијацијата „Спорт за сите“ и традиционалната прошетка по патеката „Чоколско“.

Сите содржини во рамки на манифестацијата се бесплатни и под отворено небо. Вечерните настани започнуваат од 20:30 часот.

To top