Во рамки на манифестацијата „Скопско лето“ 2021 ќе се одржи новото 18. издание на Детскиот фестивал „Поточиња 2021“.
Влезот е слободен, а фестивалот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани.
Детскиот фестивал “Поточиња” на македонската сцена за првпат се појави во 2004 година. Своето прво издание го имаше во Универзалната сала во Скопје и со своите песни за кратко време ги освои срцата на најмалите љубители на музиката. Секоја година редовно со своето одржување ја најавува пролетта.
Детскиот фестивал „Поточиња” им овозможува на децата преку песна да зачекорат во светот на семејството, училиштето, градинката, здравите навики, толеранцијата, природата, екологијата, бајките, сказните. Идејно и концепциски осмислен од страна на композиторот Мирослав Пап, ,,Поточиња” стартува како прв фестивал за деца од предучилишна возраст во Македонија. Успешноста и популарноста на првите изданија на фестивалот доведоа до голем интерес кај деца од училишна возраст за учество на ,,Поточиња” и фестивалот започнува да опфаќа деца – учесници на возраст од 5 до 12 години.
Единаесет години Универзалната сала беше домот каде што Поточиња ги реализираа своите изданија, а по нејзиното затворање изминатите 5 години Поточиња своите изданија ги реализира во Македонската опера и балет.
Детскиот фестивал „Поточиња” своето 16. издание го одржа на 30-ти и 31-ви март 2019 година во Македонска опера и балет кадешто беа реализирани шест претстави за публиката. ,,Поточиња 2019” беше посетено од 5 000 деца.
Поради ситуацијата со коронавирусот , 17. фестивалско издание „Поточиња 2020” беше реализирано во онлајн формат, додека промоцијата на 18. фестивалско издание „Поточиња 2021” година ќе се одржи на 3-ти јули 2021 година на популарната „Школка” во Градскиот парк Скопје.