Мегафон ЕУРО 2020

Македонија против Холандија со последен настап на ЕУРО 2020, последен и за Горан Пандев по две децении играње во репрезентацијата

Македонија против Холандија со последен настап на ЕУРО 2020, последен и за Горан Пандев по две децении играње во репрезентацијата

Фудбалската репрезентацијата на Македонија денес, 21.јуни 2021 година во 18. часот во Амстердам го игра својот последен натпревар на ЕУРО 2020 против репрезентацијата на Холандија.

Ова беше историски прв настап за нашата репрезентација на Европско првенство, и иако резултатски во првите два натпревари потфрливме, тоа секако не треба да се доживее како разочарување, со оглед на фактот што дебитиравме на едно големо натпреварување како самостојна држава.

Овие момчиња  не направија горди во секоја смисла на зборот и за прв  пат ја почувствувавме фудбалската еуфорија на едно големо натпреварување. Македонија ги загуби двата натпревари од Австрија 3-1 и од Украина 2-1 и останува да се одигра само мечот со Холандија за крај на ЕУРО 2020 за престиж, но и да се игра за капитенот Горан Пандев, кој за последен пат ќе го носи репрезентативниот дрес.  Пандев дебитираше во 2001 година, а досега за Македонија настапи на  122. натпревари и постигна засега рекордни 38 погодоци, сошто е прв стрелец во националниот тим.

Зад Пандев ќе остане запишано дека е европски и светски првак со Интер, освојувач на скудетото со „Нераѕурите“, победник на Купот на Италија со три различни клуба (Лацио, Интер, Наполи), еден од малкумината странци со над 450 настапи во Калчото, меѓу 80-тината фудбалери во Италија со сто голови, стрелец на голот за виза на Еуро 2020 во Тбилиси и стрелец на првиот гол за Македонија на Европските првенства.

Без разлика на крајниот исход, македонските фудбалери се најголемите херои кои ја сплотија македонската нација и повторно ја вратија вербата во репрезентативниот фудбал.

ЕУРО 2020 ќе биде запишано со златни букви  во Македонскиот репрезентативен фудбал и без разлика на се’ што ќе се случи во иднина, така и ќе остане.

А што се однесува до Горан Пандев… Еден брилијантен фудбалски гениј заминува од репрезентацијата… Можеби најдобриот, најголемиот, најважниот, најтрофејниот, нај… Горан ГРАНДЕ Пандев!

Ти благодариме за сите радости што ни ги приреди Гоче… и… Добредојде во легендите!

 

To top