Со проекцијата на филмот „Покажи ми го патот до станицата“ вечерва во Кинотеката на Македонија ќе стартува 14. издание на „Недела на јапонски филм“. Оваа година повторно, два филма ќе се прикажуваат и во НУ Центар за култура – Битола.
Првпат публиката ќе ужива во јапонските филмови „под ѕвездите“ на отворено во кината во Скопје и во Битола. Овогодинешната „Недела на јапонски филм“ ќе ја отвори амбасадорот на Јапонија Савада Хиронори.
Манифестацијата ќе понуди селекција на пет долгометражни филмови и четири стоп-анимации од сите жанрови за сите возрасти. Од вечерва па заклучно со среда ќе бидат прикажани: „Покажи ми го патот до станицата“, „Ресторан од небото“, „Само мачката знае“, стоп-анимации на Такеши Јаширо“, „Ручекот на тато“ и „Секој ден е добар ден“.
Во Центарот за култура – Битола ќе биде прикажан „Покажи ми го патот до станицата“ (на 10 јуни) и „Ресторан од небото“ (на 11 јуни).
Проекциите се бесплатни, но заради Ковид-19 протоколите, местата се ограничени. Задолжително е носење на заштитна маска за време на проекциите.