Мегафон промоција

„Hello World“ – промоција на деби албумот на „Stoned Hedge“ во МКЦ

„Hello World“ – промоција на деби албумот на „Stoned Hedge“ во МКЦ

Македонскиот инди-рок бенд „Stoned Hedge“ го промовира својот прв албум на платото пред МКЦ. Албумот насловен како „Hello World“ е продуциран во Студио 1060 на Дени Крстев а како издавач се запишува Password Production.
Настанот е планиран во формат на слушачка промоција со многу дружење и слушање на албумот во лабава атмосфера.

„Доколку ви се допаѓа нивната музика, ќе имате можност да го поддржите бендот преку купување на merch-от кој што ќе биде изложен на настанот. Дојдете, поддржете македонска авторска музика и уживајте во убавата енергија на овој нов бенд“ – порачуваат промотерите.

Бендот „Stoned Hedge“ го сочинуваат Ангела Маринковска – вокал, Исмаил Камбери – гитара, Дејан Томовски – бас и Марко Стојчевски – тапани. Тие  успеаја за само 4 месеци и тоа среде корона епидемија да го создадат својот деби албум и тоа во манир на веќе искусен бенд, небаре ова е нивната трета хит плоча.

>„Она што овие млади луѓе го направија во тој краток период е навистина за восхит, а тоа се големи и неверојатно мелодични песни кои лесно ќе ве заведат со својата питкост и искреност и ќе ве однесат во светот и борбата на убавите, чесните и младите. Станува збор за една борба со силен и невидлив противник, но Stoned Hedge во стил на искусни борци со неверојатна леснотија на сите нас ни покажаа дека со талент и чисто срце може да звучиш и изгледаш светски.
Во нивните песни можете да најдете многу убави и неочекувани нешта како: прекрасни и меланхолични вокали, волшебни и ненаметливи гитари, сонливи и сугестивни бас делници, разбивачки и нежни тапани… и искрени зборови!“ – стои во рецензијата на песните на нивното дебитантско остварување.

To top