Мегафон

Во Кинотека на Македонија: Почнува Неделата на италијански филм (17-23 мај 2021)

Во Кинотека на Македонија: Почнува Неделата на италијански филм (17-23 мај 2021)

Со проекција на играниот филм „Леб и чоколадо“ (Pane e cioccolata/Bread and Chocolate) на Франко Брусати на 17 мај на сцената на летното кино „Мирно лето“ во Киноттека со почеток во 20 часот почнува Неделата на италијански филм, која ќе се одржи до 23 мај.

Од Кинотека информираат дека циклусот италијански филмови опфаќа наслови и теми поврзани со емигрантството – пред сè од економска природа или печалбарството, кои се реализирани од врвните автори во период од половина век, од 70-тите до поновата продукција од првата деценија на новиот век.

Истата вечер, пред отворањето на овој филмски циклус амбасадорот на Република Италија ќе го одликува директорот на Кинотеката Владимир Ангелов со значка и плакета на Витешкиот ред Ѕвезда на Италија – одликување кое го доделува италијанскиот претседател по препорака на министерот за надворешни работи на Италија за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура и кинематографија во Македонија. Ангелов, инаку добро познат на културната јавност како уредник и селектор на филмски програми и во Кинотеката и на низа филмски фестивали во земјава, автор на многубројни стручни написи на полето на филмската критика, историја и теорија, со ова одликување ќе стане Витез на Витешкиот ред Ѕвездата на Италија (Cavaliere Dell’Ordine della Stella di Italia / Knight of the Order of the Star of Italy).

Во горчливата комедија „Леб и чоколадо“ на Брусати од 1973 се обработува сторијата за неприлагоденоста на италијански економски емигрант во Швајцарија (улогата ја толкува Нино Манфреди), кој се обидува, но никако не може да се вклопи во швајцарскиот менталитет и постојано е во судир со полицијата бидејќи со неговиот нескротлив јужњачки темперамент ги вознемирува „студените“ Швајцарци, е вовед во тематската недела на италијанската кинематографија со емиграцијата како мотив.

Љубителите на филмот во рамки на програмата ќе имаат можност да ги гледаат и филмовите „Да ви се претставам? Роко Папалео“ (Permette? Rocco Papaleo/My name is Rocco Papaleo, 1971) на стариот добар мајстор од епохата на неореализмот Еторе Скола со Марчело Мастројани во насловната улога; реалистичната драма во манир на „шпагети-вестерн“ „Сако и Ванцети“ (Sacco e Vanzetti) на Џулијано Монталдо; наградуваниот „Новиот свет“ (Nuovomondo/Golden Door, 2006) на Емануеле Криалезе, визуелно стилизиран во фелиниевски клуч; социјалната комедија „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка“ (Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata/A Girl in Australia, 1971) на Луиџи Ѕампа, со актерските ведети Алберто Сорди, Клаудија Кардинале и Рикардо Гароне во главните улоги; уште една комедија, овој пат современата приказна „Тробојката оди на гласање“ (Bianco, rosso e Verdone) на Карло Вердоне; како и еден од најгледаните филмови во Италија последнава деценија „Добредојдовте на југ“ (Benvenuti al sud/Welcome to the South) на Лука Минеиро , кој се занимава со т.н. „внатрешна емиграција“, односно вечниот судир меѓу италијанскиот Север и Југ.

– Туѓина-јабана со неповторливиот италијански шмек, горчиво-комични приказни? Одличен предизвик за филмските сладокусци! Коректно е и да ги известиме сите посетители, љубители на филмот и пријатели на Кинотеката дека во овој период на променлива временска состојба, го задржуваме правото да ја промениме локацијата на било која од филмските проекции, со цел истите да бидат одржани, а не одложени до некоја метеоролошки поповолна прилика. Оттаму, во случај на дожд, некои од проекциите наместо во дворот и летното кино МИРНО ЛЕТО на Кинотеката, ќе се одржат на затворено, во кино-салата на Кинотеката, посочуваат од Кинотека.

Билетарата ќе биде отворена секој ден од 19 часот и проекциите се бесплатни и почнуваат во 20 часот. Информираат дека проекциите се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19.

To top