Мегафон

На денешен ден почина Васка Илиева, доајенот на македонската народна музика

На денешен ден почина Васка Илиева, доајенот на македонската народна музика

Васка Илиева (21 декември 1923 во Скопје – 4 мај 2001 во Скопје) — македонска пејачка, доајен на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачи на народна музика.

Васка Илиева е родена во скопската населба Чаир на 21 декември 1923 г. во семејство на музичари. Нејзиниот татко, Тодор Бошков Велков, бил познат гајдаџија. Васка Илиева својата музичка кариера ја започнува пред 1950 г. во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“. Поради ненадминатиот стил на пеење и неповторливиот глас, Васка Илиева многу брзо станува многу популарна и настапува на безброј концерти, не само во татковинатa, туку и во тогашна Југославија, како и секаде во светот каде што живеат Македонци.

Станува препознатлива со песните: „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ и многу, многу други. За време на долгата музичка кариера, во Република Македонија и насекаде по светот каде што живеат Македонци ја нарекуваа „Жива легенда“ на македонската народна песна, „Кралица на македонската народна песна“, како и „Амбасадор на македонската народна музика“.

Починала на 4 мај 2001 г. во родното Скопје на возраст од 77 години, оставајќи зад себе богато културно и духовно наследство. Во нејзина чест, а по повод 10 години од нејзината смрт, беше организиран и одржан концерт во Македонската опера и балет, на кои концерт настапија познати музички имиња, како и нејзиниот наследник Сузана Спасовска.

To top