Елена Јовческа е уште една од низата македонски пејачки, кои мораа да направат „преквалификација“ во професијата заради „неподносливата тешкотија на живеењето“ која естрадата заради коронапандемијата ја паркираше дома!
Прилепската фолкерка и гајдаџика која стана препознатлива и надалеку прочуена покрај пеењето и по владеењето на овој музички инструмент, од буквално немање слободно време за својот приватен живот заради нејзините бројни настапи, како низ Македонија, така и надвор од неа, особено кај нашинците во дијаспората, а најмногу во прекуокеанските земји, дојде во ситуација да седи дома.
За среќа, за разлика од повеќето други колешки Еленана навреме ги завршила студиите на Економскиот факултет во Прилеп, што денес ќе и овозможи побргу и подобро да се снајде во промената на професијата, која и таа и нејзините обожаватели се надеваат дека ќе биде само привремена, односно на „одредено време“.
Елена која моментално живее во Скопје, неодамна откри дека од пред некое време е вработена во една добро позната скопска фирма која е и опшествено одговорна компанија, а се занимава со изработка и монтажа на ПВЦ прозорци и врати, како и продажба на овошна ракија, а во исто време е и главен спонзор на ракометниот клуб РК Бутел.
Шармантната прилепска фолкерка која е дипломиран економист по вокација, моментално работи како менаџер во истата компанија благодарение на дипломата и нејзините познавања и во областа на економијата.
Елена за македонските медиуми изјави дека дека пеењето сепак и е во прв план, без разлика на тоа што таа е дипломиран економист и она што сега го работи. Музиката и била и ќе и биде на прво место и никогаш нема да се откаже од тоа да ја негува македонската изворна и новосоздадена народна песна.
А зошто да не и музиката и економијата паралелно, рака под рака? Впрочем и пред и после секоја песна, после секој настап, по секоја свирка, кога ќе се запалат светлата и ќе стивне еуфоријата, почнува да царува економијата! Сепак останува да видиме кога коронапандемијата ќе помине: Преквалификација на „одредено време“ или „две лубеници под иста мишка“?
Фото: Фејсбук принтскрин/Elena Jovceska