Случајот со актерката Даниела Штајнфелд, која го обвини својот колега Бранислав Лечиќ за сексуално злоставување, ја разбранува Балканската јавност. А деновиве српската актерка Лидија Вукичевиќ даде свој крајно искрен коментар за целата ситуација, кои некои го прогласија за скандалозен.
Зборувајќи за случајот, Лидија застана во одбрана на својот колега Лечиќ:
„Лечиќ е прекрасен колега, прекрасен човек и фантастичен актер. Го познавам со години, уште од факултет. Се дружевме тогаш, а тој веќе беше познат актер. За него имам само убави зборови. Што се однесува до актуелниот случај, дека Лечиќ ја силувал таа актерка, нема аплауз без две раце. Јас така гледам на тоа. И она што дополнително ме револтира е површноста на некои актери кои се залагаат за Даниела Штајнфелд“ – рече Лидија Вукичевиќ.
Таа се осврна и на нејзините колеги од Драмскиот театар во Белград кои откако изби скандалот, одбија да глумат со Лечиќ во претстојните претстави:
„Тие му пресудија пред судењето. Какви колеги се тие. Колку површни луѓе. Тие се занимаваат со работа која бара од нив да бидат значајни, а тие се површни, тие судат. Тие не им припаѓаат на луѓето, туку на ордата која каменува и анатемисува. Не разбирам. Длабоко сум разочарана од оние луѓе кои не сакаат да играат со Лека. Па, дозволете ми да ви кажам, ни јас немам никаква желба да играм со нив, кога знам за какви луѓе станува збор“ – рече Вукичевиќ и додаде:
„Лека не е манијак. Тој е згоден фраер, на кој тоа апсолутно не му е потребно. Се прашувам како мене никој не ме силуваше? Еве, јас сум на сцената веќе околу 30 години, не сум ниту грда, ниту ваква или онаква. Бев една од најпопуларните актерки во поранешна Југославија. Не велам дека не ми се наметнувале мажи на тој начин, но никој не ме силуваше, сите беа разумни и го разбраа одбивањето – заклучи актерката.