Мегафон сеќавање

Вечерва во Кинотека на Македонија омаж за Љупчо Тодоровски – Упа

Вечерва во Кинотека на Македонија омаж за Љупчо Тодоровски – Упа

Вечерва, 31 март, во Кинотека на Македонија ќе се одржи омаж за актерот и продуцент Љупчо Тодоровски-Упа, кој на 65 години почина во јануари од компликации од ковид-19.

Во чест на Упа, кој беше и кастинг-директор, сценарист и продуцент, ќе биде прикажан мини-документарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски (една од последните улоги на Упа), и „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој Упа дебитаираше на филм.

Глумел на осум јазици во над 30 филма и ТВ-серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи во цела поранешна Југославија, како и безброј разни други сценски настапи.

Љупчо Тодоровски – Упа е роден во Скопје на 2 мај 1956 година. Тој беше актер и кастинг директор. Занимавањето со глума го доживувал како фрлање зрак светлина во туѓите животи. Тој е еден е од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломира актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје. По Академијата, заминува за Белград, каде останува 10 години… Го „пече“ занаетот крај искусни и водечки југословенски актери настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 година покрај актерството, се бави со филмска и ТВ продукција, пишување на сценарија и избор на актери…

„По Академијата, воден од творечкиот немир и можността за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува цели 10 години. Играл покрај искусни и водечки југословенски актери, настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997, покрај актерството, се занимава и со филмска и ТВ продукција, пишува сценарија и работи кастинг директор“, велат од Кинотеката.

Една од последните главни улоги му е во филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, но неостварен сон му останал реализацијата на долгометражниот филм „Мајсторот“, за кој го напиша сценариото пред 11 години. Режисер на овој филм требаше да биде Иво Трајков, а проектот имаше и начелна согласност за соработка со легендарниот кинематографер Виторио Стораро кој во 2005 ја доби Златната камера 300 за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

 

To top