Велигденските празници и продолжениот викенд се на прагот. Тие претставуваат добра можност да се отпатува на некоја блиска туристичка дестинација, на планина, на езеро, кај пријатели или роднини.
Продолжениот викенд и празничните денови значат и погуст сообраќај, зголемен интензитет и фрекфенција на патиштата, а тоа влијае за зголемување на бројот на сообраќајни незгоди од кои некои и со фатални последици. Водејќи се од тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира на внимателно возење, дисциплинирано и смирено учество во сообраќајот.
Патувањата се најинтересни кога се договараат спонтано, но времето и начинот на договарање не треба да бидат причина да тргнете на пат неподготвени. Затоа, најпрво потребен е добар одмор на возачот, техничка проверка на возилото, проверка на притисокот на гумите, проверка на бришачите, на светлата, на маслото во моторот, а исто така, посебно важно е да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено правилата за ограничување на брзината, правилата за неуправување моторно возило под дејство на алкохол и прописите за правилно престигнување.
Оние кои патуваат на поблиските туристички места најчесто ги користат локалните и регионалните патишта и треба да имаат предвид дека освен возила, на овие патишта за време на празниците има голема фрекфенција на пешаци, велосипедисти и на мотоциклисти. РСБСП потсетува, бидете особено внимателни, прилагодете ја брзината кон условите на патот и бидете максимално концентрирани за време на управувањето со моторното возило.
Алкохол е една од водечките причини за сообраќајни незгоди, особено во период на продолжени викенди и празници. Затоа, РСБСП уште еднаш потсетува на правилото дека: волан и алкохол се комбинација која може да заврши со фатални последици и смрт.
Младите возачи и возачите почетници најмногу страдаат во сообраќајни незгоди за време на продолжен викенд, а најчеста причина за тоа е брзото возење и возењето под дејство на алкохол. Честопати, во вакви ситуации, станува збор за сообраќајни незгоди со само еден учесник (излетување на возилото од патот, удар во бетонски столб итн). Во оваа насока, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ги советува младите возачи: сообраќајот не е место за импровизации и компромиси, сообраќајот не простува грешки и секоја непромислена одлука или непромислена реакција може да резултира со фатални, долгорочни и ненадоместливи последици.
РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот да ги разбудат позитивните навики и да бидат позитивен пример за останатите учесници во сообраќајот. Истовремено, потсетува дека, почитувањето на сообраќајните прописи е најважното правило во сообраќајот. Не дозволувајте моментите за празнување да се претворат во трагедија!
Христос воскресе и честит Велигден!