Претставата што ја стресе поранешна Југославија, годинава на 12 април во Домот на АРМ во Скопје. „Јами дистрикт“, во режија на истакнатиот Кокан Младеновиќ од Србија, е претстава работена во форма на лажен документарец, кој брутално и болно зборува за бесмисленоста на националните поделби на нашите простори во време на хај-тек ерата. Прецизната и доминатна режија, по текст на Милена Боговац и маестралните улоги на актерките Исидора Симијоновиќ, Јелена Граовац, Нина Нешковиќ, нараторот Немања Драгоша, живата музика на групата „Врум“ (Vroom), ја држат публиката будна, насмеана и затечена во двата часа тотален театар.
Раскажана е приказна за еден настан од селото Јамина, најстара палеолитска населба во историјата на човештвото, каде НАСА кажува дека е пронајден скелет од најстариот човек на планетата. Бидејќи се наоѓа на територија на три држави: Србија, Хрватска и БиХ, секоја се обидува истото да го присвои. Претставата брутално зборува за бесмисленоста на националните поделби во 21. век, кога науката и технологијата одат напред, а во светот владеат транснационалните компании.
„Јами дистрикт“ е во продукција на театарот „Битеф“ од Белград, новосадскиот „Тинк-тенк студио“ (Think Tank Studio) и фестивалот „Маск“ (Maszk) од Сегедин, Унгарија.
„Навистина е претстава која удира и во стомакот и во главата. Сакавме да направиме нешто радикално, нешто што требаше да биде наш страв од следна војна. Ние во Србија, Босна и Хрватска немаме само исти политики. Имаме и исти луѓе кои ги направија војните во 90-те. Таа повишена реторика, коцкањето со туѓите животи, со туѓи глави, ќе нè однесе во некоја нова катастрофа. Поради тоа го измисливме тој факт дека три нации се борат да докажат која е наследник на најстариот човек на светот околу археолошко наоѓалиште. Таквите апсурди може да нè одведат сите нас во нови крвопролевања, затоа што претставата се потсмева на се` што значи политичко опкружување. Нормалните луѓе на Балканот не смеат да дозволат да ни се повторат 90-те“, вели режисерот Младеновиќ за претставата „Јами дистрикт“.
Во едно свое интервју, тој ќе рече: „Само националистите од сите страни бурно реагираат за оваа претстава. Се радувам што реакциите се бурни. Мислам дека нацијата е последниот азил за неуспешните луѓе. Кога немате што да понудите како индивидуа, кога не можете да се реализирате себеси со тоа што сте, со индивидуалните квалитети, тогаш се вклопувате во групи, се криете зад нешто што е колективно знаме, за да го сокриете својот неуспех.“
Претставата ќе биде изведена на 12 април 2018 година, на сцената на Домот на АРМ во Скопје, со почеток од 20 часот. Билети за претставата може да се најдат на продажната мрежа на МКТикетс и во билетарницата на Универзална сала.