Јавноста Ева Нединковка ја запозна и најмногу ја памети како некогашна македонска поп пејачка, која по бројните фестивалски настапи, песни, спотови, албум… некако преку ноќ реши да ја прекине естрадната кариера и да се посвети на една сосема поинаква работа.
Имено, русокосата охриѓанка се пресели во Скопје и пред 10 години го отвори својот мултимедијален едукативен центар „Ева“, каде одново во фокус и беа уметноста и културата, но на еден поинаков начин, од еден соема поразличен агол. Во меѓувреме се реализираше и како мајка, откако на свет ја донесе својата ќеркичка Ена.
Еве е позната како храбра и самостојна жена, личност која не се плаши да се соочи со сите животни предизвици, па дури и да им оди самата во пресрет, влечејќи потези и во бизнисот и во приватниот живот, кои ретко која жена би ги повлекла или би направила сличен чекор.
Токму празниокот на жената 8. Март беше повод за неа да испрати силна и моќна порака… Љубов, нежност, внимание, честитки, подароци… Сето тоа е во ред и разбирливо, но суштината на Денот на жената е сепак нешто сосема друго, кое токму првата дама на тренинг центарот насловен по нејзиното име, го искажа на својот Фејсбук профил во пораката упатена до сите жени, но пред се до самата себе си… Зашто, како што велат: „За да те почитуваат другите, најпрвин научи да се почитуваш себе си“… Особено ако си жена… Или како што вели Ева: „Кој друг жени може да ви даде повеќе вам, отколку самите вие на себе? Жена сум, можам се’ “.
Еве ја нејзината силна и впечатлива осмомартовска порака, која всушност важи 365 дена во годината… И за цел живот:
„Со правата доаѓаат и обврските, пропорционално. Со моќта, знаењата и влијанието доаѓа и одговорноста како да ги употребуваш. И тоа е сосема фер. Празници имам многу, а овој е еден од моите зашто жена сум со мноштво вткаени идентитети што своите слободи ги печали ревносно и радосно. Зашто си спомнувам за многу јаки, храбри, благородни и умни жени пред нас (а и околу нас), кои извојуваа (и војуваат) многу значајни битки и отворија пат за натаму. Една таква силна, добра и благородна жена ме израсна и подигна (убав, возвишен збор), а една таква со радост растам и подигнувам. Со такви сум опкружена и на работа, такви се и моите пријателки, а таква свесност за себе, својата сила и своите можности се трудам да стекнат и жените кои се обучуваат во ЕВА.
Снажно, крајно ослободувачко и зајакнувачко е сознанието дека се’ што би можела да посакам во даден миг од некого да ми биде дадено, прво, сакам и сум моќна да си го дадам сама себе. Кој друг, ако не јас? Кој друг, жени, може да ви даде повеќе вам, отколку самите вие на себе? Љубов, почит, убав збор, убава мисла, верба, радост, стабилност во секаква смисла, мотивација и другите дарби што носат среќа. Жена сум, можам се’ “ – порача Ева Нединковска на својот Фејсбук профил.