Мегафон

Ивент индустријата регира: ИВАП крајно разочарани и револтирани од објавените мерки од петтиот пакет за помош од Владата

Ивент индустријата регира: ИВАП крајно разочарани и револтирани од објавените мерки од петтиот пакет за помош од Владата

Членките на Асоцијацијата  ИВАП кои се директно вклучени во индустријата за организација на настани се крајно разочарани и револтирани од објавените мерки од петтиот пакет за помош објавени од Владата на РСМ.

Имено, во мерката 11 која е наменета за нашиот сектор, се предвидени средства за организација на настани и за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес, мерка што не претставува помош туку реализација на програма и активности на Владата за 2021. Нејасно е кои се тие проекти од државен интерес, по кои критериуми ќе се одбираат проектите? Дали помош ќе добијат сите или само одбраните? За кој период се однесуваат? Дополнително што Владата покажа целосно непознавање на нашата индустрија и измеша компании за настани, маркетинг агенции, продукции, едукатори, културни работници.

Да потсетиме, настаните беа први забранети и тоа на 28 февруари 2020 година, како ПРВА мерка за спечување на ширење на пандемијата. Точно цела година се соочуваме со предизвик како да опстанеме и да ги одржиме во живот нашите фирми. Јавните настани не се дозволени, но очигледно тоа не доволна причина Владата да не гледа како загрозена индустрија. Ние сме можеби единствените кои сеуште не можеме да работиме. Изминатиов период имавме средби со владини претставници на кои разгледувавме повеќе модели за помош, дававме конструктивни предлози како да ја надминеме кризата и добивме впечаток дека бевме разбрани. Сега гледаме дека не само што не сме разбрани, туку ќе бидеме употребени и втурнати во една нејасна ситуација, во која веројатно заради недефинирани критериуми ќе има место само за одбраните. Навистина не ни е јасно зошто не се обидоа да изнајдат квалитетно решение и да ги дискутираат предлозите со нас, пред да ги објават, особено што ИВАП е единствената Асоцијација на компании за организација на настани која се понуди како конструктивен партнер во целиот процес.

И на крајот прашуваме, за какви настани зборуваме кога не се знае до кога ќе важи забраната за јавни собирања? Дали Владата знае нешто што не ни го соопштува? Објавениот пакет мерки не претставува воопшто помош за индустријата за организација на настани, туку фрлање трошки. Најмалку што очекувавме е да ни помогнат да го рестартираме истоштениот сектор, да ни овозможат да се вратиме на пазарот и да продолжиме да работиме а со тоа и да придонесуваме во буџетот како и пред пандемијата. Задоволни сме што по речиси една година од забраната за работа конечно секторот е препознаен но сакаме јавноста да знае дека мерката 11 предложена од Владата не е воопшто помош за нашата индустрија ниту може да помогне во надминување на сегашната состојба. За жал Владата се однесува по принципот на мајка-маќеа и ни покажува дека воопшто не ја засега иднината на нашите компании. Во периодот што следи ќе ги дефинираме нашите следни чекори и ставови и ќе реагираме соодветно, сé со цел да ја спасиме нашата индустрија.

To top