Радио Милева инспирација за перспектива

Стојанче Ангелов доби конкуренција… или идеја за сопствен бизнис по заминување од политиката? (ВИДЕО)

Стојанче Ангелов доби конкуренција… или идеја за сопствен бизнис по заминување од политиката? (ВИДЕО)

Стојанче Ангелов, некогашен македонски бранител во конфликтот од 2001-ва, полициски генерал, денес политичар и актуелен  Директорот на Центарот за управување со кризи и е оддамна познат на македонската јавност по многу нешта.

Покрај војникувањето и политиката, екс генералот стана познат и по своите боречки вештини. Меѓу другото,  сечење лубеница со катана (сабја) врз нечии стомак додека човекот лежи и особено по кршењето ќерамиди…

Со рака, односно тупаница и секако, неговата потесна или што би рекле, суб-специјалност, кршење ќерамиди со глава! Понекогаш заради тренинг и челичење, понекогаш заради облог, но и заради чиста забава, како што тоа беше на манифестацијата за доделувањето на Твитер наградите.

Видео кое преку ноќ стана вирален хит на социјалните мрежи, па го прослави Стојанче меѓу народот повеќе и од военото јунаштво и од политиката, во која со последните изјави покажува „визионерски способности“… Небаре е Нострадамус или маалски гатач, па во една од последните свои изјави околу коронапандемијата, генералот „претскажува“:

  „Политиките на Владата, се по основ на алгоритмите на СЗО, што се покажаа како успешни. Исто така, сметам дека има учени луѓе во опозицијата, поконкретно во ВМРО – ДПМНЕ, кои и самите знаат дека доколку и тие би биле на власт, состојбата би била иста, ако ме прашувате мене, можеби и полоша“ – рече Ангелов на ТВ 21… И тоа без да погледне во стаклената кугла.

И додека штипскиот „ќерамидокршач“  ја претскажува политичката иднина, веројатно морајќи свесно да замижи пред суровата реалност на сегашноста во која живееме, како што мижат и оние на кои лубеницата им лежи на стомакот додека неговата катана ја сече,  генералот доби конкуренција!

Имено, Стојанче веројатно бил инспирација за добар маркетинг, па  по мотитивите од неговото „ќерамидокршачко дело“, еден македонски бренд за мебел решил да направи реклама. Со тоа што малку ги испревртеле улогите, а и дрвото не е „ќерпич“ па така лесно не се преполовува. Можеби затоа што  главниот  јунак не е „генералот“ или дрвото на „Монако“ е ептен јако? Како и да е, Стојанче  и неговиот познат удар со глава, станаа инспирација за реклама!

Но, генералот не е само туѓа инспирација, зашто не е единствениот во светот што  ја користи својата глава за стекнување на не само умствена слава. По светот има голема конкуренција што за Стојанче Ангелов може да биде нов предизвик, па дури и инспирација. Конечно, видеото подолу можеби ќе му послужи како идеја за отворање сопствен бизнис.

Се разбира кога мандатот на прв човек на ЦУК ќе му истече, партијата чиј коалиционен приврзок е ќе падне од власт и замине во опозиција, а Стојанче остане без својата функционерска позиција. Впрочем, секој умен политичар што знае да ја користи главата, знае дека бргу минува славата, па по паѓање од власта веќе не  припаѓаш на истата каста… Затоа, не е лошо да се има „план Б“ за иднината, а иднината лежи во „преработка“ на органската храна, која е ем уносен бизнис, како за некого овде марихуаната,  ем е здрава… Особено ако имаш цврста глава!

Фото: Фејсбук принтскрин

 

To top