Еден од најугледните светски медиуми „ЕСПН“ повторно на маса ја враќа најцрната опција Европското првенство да се игра со многу минимален број на гледачи, па дури и без нив, а како крајно сценарио наместо низ 12 веќе потврдени градови да заврши во една земја, зашто ситуацијата која повторно се разгорува ги руши сите планови. Македонија треба да дебитира на Евро 2021, сите посакуваат нормализирање на состојбите, навивачки невиден караван за Букурешт, но…
Целиот текст на „ЕСПН“ ви го пренесуваме напишан од новинарот Марк Одген.
Останаа уште 150 дена до стартот на одложеното Европско првенство. Европа сѐ уште води тешка борба за да ја исконтролига пандемијата со ковид-19, па од оваа дистанца воведниот меч на Италија и Турција во Рим на 11 јуни тешко може да се замисли во нормална ситуација со кревањето на завесата. Но, и покрај сите желби, а УЕФА сѐ уште се обидува да го одржи нормалниот тек на подготовка за успешен турнир, наглото зголемување на заразата во многу земји во Европа, создаваат сериозна загриженост и за континенталниот турнир. Извори за ЕСПН, кои остануваат анонимни за јавноста, тврдат дека трите сценарија сѐ уште важат, а меѓу нив и најцрното – фудбал во „балон“ и без публика.
Финалната одлука за тоа како ќе изгеледа Евро 2021 ќе биде познато во средина на март, зашто и самата УЕФА прифати дека не може да го чека Конгресот во април, зашто е предоцна за реорганизирање на прашањата за билетите, ако воопшто се дозволи да има гледачи, како и за евентуални промени во форматот на организација.
За Евро 2021 уште пред пандемијата беа продадени 90 отсто од билетите, а според изворите од УЕФА, само еден многу мал процент од истите беа вратени после одложувањето на турнирот. И сега, сето тоа е прва главоболка на УЕФА, како би реорганизирала нешто, ако се скрати бројот на навивачи. Ако, нив ги нема е најлесно, ќе ги вратат парите, ама…
Во оваа состојба со вирусот низ Европа, а само пет месеци пред стартот на турнирот, веќе на сите им станува полека јасно дека Европско првенство во сите 12 градови со полни трибини – нема да има! Најдоброто сценарио е дека ќе се допушти да има 70 отсто од капацитетот, а бекап-планот со гледачи е таа бројка да се сведе на едвај 30 отсто со почитување на сите можни протоколи.
И сето ова зависи од тоа дали вакцината и брзината на имунизацијата ќе биде таква за до лето да се обезбедни некаква вистинска нормалност.
Последното најцрно сценарио (УЕФА неколкупати го одбиваше дека се разгледува – н.з.) е турнирот сепак на крај да се одигра во една земја и тоа на празни стадиони, со стриктен „балон“, каков што беше обезбеден во август во Лисабон со фајнл-ејт турнирот во Лигата на шампионите и во Лига Европа во Германија.
Фудбалот во Европа моментно останува некако да се бори со притисокот од ковид-19, ама годината почна со многу одложувања на мечеви на сите нивоа во Англија, зголемена бројка на заразени, се заразуваат повторно многу фудбалери во екипите, Барселона откажа еден тренинг поради двајца позитивни…
И само пред еден месец УЕФА откажа два младински шампионати во машка и женска конкуренција, закажани за во мај на Кипар односно Фарските острови со образложение дека „моменталната епидемиолошка слика во многу делови во Европа го прави нереално тоа да се играат младински турнири на почетокот на годинава“. Одложување на Евро 2021 нема да се случи, откако лани УЕФА веќе еднаш го одложи првенството, најмногу поради финансиската штета што ќе ја претрпи УЕФА, која ќе се одрази како штета и на националните федерации, на годишните исплати, парите за проекти, парите за учество на континенталниот шампионат… Евро 2021 некако ќе се игра, ама во моментов, а веројатно и нешто потоа, тешко дека некој може со точност да знае – како?
Дури ни самата УЕФА, која има сценарио за најкритична опција, првенство во балон и без гледачи, не знае како тоа би го организирала во една земја. Засега сите градови домаќини кои беа избрани, вкупно 12, добија насоки од УЕФА да разработат план А и план Б во зависност од епидемиолошката слика, со тоа дали ќе има 70 или 30 отсто навивачи, како ќе се врши транспортот, сместувањето, опциите за евентуални корона-рестрикции ако се појават во летните месеци, со претпоставки за реакција…
Сите градови се согласија дека ја задржуваат организацијата, без оглед по кој план, ама ситуацијата со пандемијата е таа што диктира и ако нема сериозно смирување на истата, последната опција, која никој не ја сака и УЕФА упорно ја одбива, но ја разгледува е да се одигра ковид-Евро со 24 селекции на едно место. А, тоа е предизвик за УЕФА која во моментов тешко може и да го реши како прашање.
Изворите од УЕФА велат – има четири опции. Ама, ниту една од тие не е без проблеми. Треба да се најде земја која ќе смести 24 селекции, ќе има доволно стадиони и реално – малку се кандидати. Што од здравствени, што од политички причини. Велика Британија, Франција, Германија… Тука некаде би завршил списокот на земји кои итно би можеле да излезат во пресрет за да организираат ваков турнир.
Англиската федерација веќе јавно посочи дека со владина поддршка е подготвена да го земе цел турнир. Би била вклучена цела Британија, „Хампден Парк“ во Глазгов секако би бил домаќин, би се направил „меур“ на Островот. Ама, Британија моментно има највисока стапка на зараза, а плус влијанието на Брегзит – тешко замисливо сценарио.
Франција беше домаќин на Евро 2016, Германија, пак, е домаќин на Евро 2024 и двете земји имаат извонредна инфраструктура за да обезбедат турнир, ама… Франција е втора зад велика Британија по степен на зараза, а нема ни ентузијазам за втор евротурнир во земјата. Германија, пак, повеќе се фокусира на својата вистинска организација, а не на „спасувачка мисија“.
Четвртата опција е Русија, домаќинот на СП 2018, со меур(и) во Санкт Петербург и Москва. Меурот би бил направен на пет одлични стадиони, но проблемот е – суспензијата на земјата. Неодамна во Лозана беше потврдена суспензијата на Русија за кршење на анти-допинг правилата, па носење на турнир во Русија би било анти-кампања за УЕФА.
И УЕФА нема решение, а најлошото сценарио со една земја домаќин останува опција, но никој не ја посакува. УЕФА сега само може да се надева дека турнирот ќе се игра по нормалниот формат во 12-те градови. Времето ќе покаже како, ама тоа брзо тече. Идниот вторник ќе почне одбројувањето на последните 150 дена до шампионатот, а часовникот безмилосно отчукува.
Извор: Спорт1.мк