Во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) вечерва во 19 часот ќе се отвори изложбата „Небо“ на ликовната уметница Јана Јакимовска. На изложбата ќе бидат претставени 20 небесни пејсажи во техниката акрил на платно работени во последните 3 години.
Изложбата ќе трае oд 14 до 22 декември.
„Јакимовска сака да слика, сака да експериментира со четката, сака да вдише од енергијата и аромата на бојата, знае да биде жестока, моќна, но знае и да биде реалистична во контекстуална смисла. Првпат, по долга низа години, излегува од интересот за себеанализа, од авторефлексивност и автосондирање, а влегува во третирање на просторот надвор, во природа, барајќи ги во есенцијата на натуралната естетика вредносните критериуми кои ги подзаборавивме живеејќи веќе речиси една година во вонредни пандемиски услови, а тоа е респектот кон природата, кон екосистемите, кон чистиот воздух, сончевиот зрак, патувањата, планините, водените површини. Најновиот циклус дела на Јакимовска се пејзажи кои во класификацијата на пејзажното сликарство може да се окарактеризираат како небесни пејзажи бидејќи на нив две третини од композициската целост е посветена на небесните предели… Јана Јакимовска со своите дела ни нуди „прозорец“ за бегство од реалноста во која живееме, нè носи во една поубава, посветла, похумана реалност, која во вонредни услови има покрај своја егзалтирачка природа и концептуална димензија – да делува психо-терапевтски на конзументот на нејзините дела“ – вели во текстот за изложбата, историчарката на уметност Ана Франговска.
Јана Јакимовска е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. До сега има реализирано 17 самостојни и преку 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време е активна со мурално сликарство.