Пред новогодишните празници за православните верници започнува периодот на големите слави… Всушност нив ги има речиси преку цела година, но оние најзначајните некако се сега во доцната есен и зимата…
Таков и денот кога верниците со православна вероисповед го празнуваат Свети великомаченик Георгиј Победоносец или во народот попознат како посен Свети Ѓорѓија. Освен како семејна слава, овој голем ден се празнува и како именден и како слава на цели села и градови. „Како ослободител на плениците и заштитник на сиромашните, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецот, великомаченик Георгие, го моли Христа Бога да ги спаси нашите души“.
И покрај забраните за групирање, собирање, дружење на повеќе од четворица заради корона опандемијата, народот длабокопочитувајќи си ја верата, сепак слави. Слават многумина, меѓу кои и некои познати и популарни личности од македонската естрада.
Еден од нив и охриѓанецот, познатиот фолк пејач Петар Нечовски. Освен по своите песни, познат како дружељубив човек, другар, пријател, со весело срце и широка душа, Петар не пропушти она што си е ред и адет да си го направи на денот на домашната слава – Свети Ѓорѓија.
Славата е посна, па домаќинката традиционално зготвила пржена риба, разбирливо охридска пастрмка, а славата без свештеник не ја бидува, па уште рано изутрина пејачот реши да си го испочитува редот и попот беше првиот гостин кај Нечовски на денот на славата.
Но, Петар не е само добар домаќин, туку и одговорен граѓанин, па добро знае дека и за време на славење и адети, мора да се испочитуваат протоколите. Не дека некој ќе дојде рано посабајлечки да те проверува, туку, ако веќе меѓудругото славата е за здравје на домаќините и потесното и пошироко семејство, убаво е да придонесеме здрвјето и да се зачува.
Зашто чумата на 21-от век, „ламјата“ која Свети Ѓорѓија ја прободува со копјето за да не не проголта, е секаде околу нас. Па затоа, за да не ни се случи од пред врата да ја пуштиме дома и Петар Нечовски и домаќинката, ама и попот ги испочитуваа протоколите. И домаќините го дочекаа и свештеникот ја вршеше својата богослужба во нивниот дом – со заштитна маска.
Пејачот и домаќинката кон попот со должно внимание, ама на пропишано растојание! А, потоа… од рипчето ќе мора да се касне, секако без маска. Ама, ако… Свети Ѓорѓија да поможит и… Нека е за многу години! Среќна слава домаќине. И тебе и на сите други што ја слават!