Македонија на Европско, фудбалерите на ЕУРО 2021… Историски успех, за прв пат нашата А селекција е на завршницата на едно големо контионентално фудбалско натпреварување. нацијата во делириум, еуфорија низ целата земја, се радуваат сите… И оние кои се „изгорени по фудбалот“, пасионирани љубители на “најважната споредна работа на светот“, фудбалските фанатици, од најголемите патриоти, до најмалите и децата, од обичните граѓани до познатите и јавни личности… буквално сите.
Владимир Блажев, познат како ДЈ Шорти или уште попознат како Панчо од ар ен би дуото ДНК, голем спорстки фан, уште поголем патриот во душата и срцето, личен пријател со некои од најголемите и најпознатите македонски спортисти, меѓу кои и фудбалските репрезентативци, реши на посебен начин да го овековечи пласманот на Македонија на Европското првенство во фудбал. И тоа трајно, засекогаш!
Ионака познат како љубител на украсување на своето тело, Панчо исто како и колешката Тамара на себе стави важна тетоважа… Само на различно место и од различна причина – многу посилна! Ако на Тамара беше заради еден вид „грижа на совест“, тетоважата на Панчо е заради овекувечување на исполнетиот детскиот сон.
И додека Тамара ги тетовираше „промашените“ стихови од химната, Панчо на себе ги истетовира имињата на целиот национален состав кој обезбеди пласман на Европското првенство, заедно со селекторот Игор Ангеловски, а имињата на златните момчиња се испишани врз македонското знаме иако некои му забележија дека и тој како Тамара, нешто „утнал“… Во прашање е датумот, односно годината, па наместо 2020 стои 2021…?
„Кога ќе ти се исполни детскиот сон, моментот мора да се овековечи.
Оваа тетоважа ми е една од позначајните кои ги имам на моето тело и сум горд на истата исто толку колку што сум горд и на нашите репрезентативци кои ни ја приуштија оваа неопислива радост. Ни покажаа и докажаа на сите нас како со сплотеност и верба се постигнува успех.
Браво момци, херои наши. МАКЕДОНИЈА на европско 2021“ – напиша Панчо покрај споделените фотографии од тату чинот на овековечување на детскиот сон и дополни:
ПС: За оние малкумина “познавачи” и “експерти” кои се грижите за тетоважата и “погрешниот” датумот во кратко да ви образложам зошто е ставена 2021 за да не ви стои терет на душа
Факт, турнирот е ЕURO 2020 ( следен EURO 2024 ) , но е преместен во 2021 ( јуни 11 – јули 11 ) од познати причини. Значи логиката вели дека турнирот и онаа репрезентација која ќе го освои ќе биде запишана во 2021 ( јбг слично на euroleague сеозна 2020/2021 ) , МАКЕДОНИЈА игра во 2021 не во 2020 ( ФАКТ ) и на крај најбитно е што ќе се памтиме сите: која година требало да се игра или ќе го памтиме победникот на турнирот и која година е освоен истиот ?
Исто така никогаш не би ја ставил оваа малерозна 2020 како бројка на телото евер. Што значи не се препукавајте меѓусебно, уживајте во историскиот успехот на нашите фудбалери, поддржувајте ги и величете ги нашите спортисти, музичари, уметници и најбитно ширете љубов и позитива. Јас еве повторно јавно кажувам дека ако се пласираме на светско 2022 или било која наредна година иде тетоважа на десната нога, чувам простор. Живели“ – појасни Панчо.
По ова , сега сме и естрадно-патриотски комплетни: Химната ја имаме истетовирано, знамето – исто така, составот е тука, уште да „изненандиме“ на ЕУРО 2021… Кој знае што ли тогаш ќе тетовираат на себе македонските музички ѕвезди?
Тамара за малку не победи на Евровизија, можеби Панчо со ДНК треба да ја преставува еднаш Македонија, а зошто да не? Па да видиме тогаш, дали со понекоја тетоважа ќе возвратат и фудбалерите?