Мегафон

Стефан Марковски со збирката раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ победник на конкурсот „Книжевен круг за проза“

Стефан Марковски со збирката раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ победник на конкурсот „Книжевен круг за проза“

Со одлука на стручна комисија, Друштвото на писатели Битолски книжевен круг ги објави наградените ракописи за 2020 година, при што наградата Книжевен круг за проза припадна на ракописот „Фауст го трча плебејскиот круг“ од писателот Стефан Марковски.

За збирката раскази на Марковски во освртот кон книгата, претседателката на Битолскиот книжевен круг, Елизабета Јончиќ подвлекува:

„Ова дело е карактеристично по структурната поставеност во нарацијата. Содржи шест елементи од коишто е составена целината. Иако шесте приказни се одделуваат сами за себе како посебни целини, имаат заедничка матрица во планот на изразот. Структуирани се како раскази но се чувствуваат драмски елементи, динамички покренувачи на дејство и статички мотиви коишто ги опишуваат одредените ситуации. Авторот многу вешто прави комбинација на лирски и драмски компоненти во текстот.

На планот на содржината впечатливи се ликовите на протагонистите од расказите. Секој од нив е носител на одреден морален и социјален концепт, реален или имагинарен. Спрема начелото на разновидност во единството гледната точка започнува од мотивациските ставови во насловот, тогаш имаме: „Фауст“, еден од вечните ликови во литературата поставен како протагонист потоа „брзото одење“, типична ситуација исполнета со динамика, и „плебејскиот круг“ синтагма – знак што претходно ја најавува нераскинливата врска на обесправената и осиромашена лична слобода на „нискиот“ човек, со симболот на единството и севкупноста – кругот.“

Промоцијата на наградената книга на Марковски ќе се оддржи во рамки на манифестацијата Битолски книжевни паметења на 31.10.2020 (сабота) во 12:00 во библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Во рамки на манифестацијата ќе бидат промовирани и останатите наградени ракописи на конкурсите за поезија и книжевна критика, стихозбирката „Манастир од мисли“ од Кире Неделковски и книгата осврти „Профили“ од Весна Мундишевска Велјановска.

 

 

To top