Она дека средите во нашиот град никогаш не звучеле подобро не е само празен муабет или обична најава, туку факт. Дека е така потврда имаме и оваа среда, што во првиот и единствен музички бар кај нас веќе традиционално е резервирана за домашните изведувачи, па така утревечер публиката ќе има можност да ужива во уникатното и неповторливо музичко патување со единствениот Павле Камилоски.
– Убавите нешта одат во пар, рече Камилоски во пресрет на последниот настап во чии рамки пред скопската публика пееше за љубовта и виното. Овој пат во склоп на најавениот камерен концерт еден од најдобрите баритони во Македонија ни открива дека подготвува малку поинаков репертоар, подинамичен и побрз за да ги разбуди, како што вели, сите сетила во ова време – невреме.
Концертот е закажан за утревечер, среда, 9 септември 2020 година, со почеток во 21 часот и освен што ќе биде своевидна посластица за сите сетила на сладокусците, ќе биде и најава за септемврските гостувања во чии рамки следуваат низа одлични музички изненадувања.
Камилоски со проектот „Мала Италија“ освои безброј срца, при тоа доближувајќи ја медитеранската музика до публиката, а неговиот репертоар опфаќа голем број хитови како оние на Френк Синатра, Дин Мартин, Мајкл Бабл. Билетите за концертот се пуштени во претпродажба по цена од 500 денари и се во ограничен број.
„Нашите гости го заслужуваат најдоброто, а токму за почеток на еден од најубавите месеци во годината го одбравме неповторливиот Павле Камилоски“, велат од Intermezzo music bar, и додаваат дека и овој настан ќе биде организиран според протоколите на Владата и МЗ.