Снежана Дујмиќ, вдовицата на Рајко Дујмиќ кој почина пред две недели како последица од тешка сообраќајна несреќа, објави соопштение во кое наведува дека се прекинува судскиот спор меѓу нејзиниот сопруг и останатите членови на групата „Нови фосили“.
Таа во соопштението објаснува зошто починатиот Дујмиќ ги тужел Сања Долежал, Владимир Кочиш Зек и Маринко Колнаг.
„Вие не можете повеќе со мене, јас не можам повеќе со вас. Продолжете да настапувате под името „Нови фосили“ под услов да добивам четвртина од настапите и концертите – тоа беше единствен услов на Рајко кој Сања, Владимир и Маринко не го прифатија. Повеќе од 5 години траеше судскиот процес. Пред година ипол, се сретнаа Сања, Владимир и Маринко со Стева Цвикиќ на кој му ветија дека на Рајко ќе му даваат 500 евра по настап, но тој договор никогаш не го испочитуваа“, напиша Снежана на својот „Фејсбук“ откако дозна дека судскиот процес е прекинат поради смртта на Рајко.
Спорот околу тоа кој има право да настапува под името „Нови Фосили“ започна кога Дујмиќ бил исклучен од групата во 2014 година, а другите членови продолжиле да настапуваат под тоа име. Еден од последните настапи им бил во февруари годинава.