За да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе се одржи и годинава и ќе ги има препознатливите програмски содржини, но во редуцирана форма и ќе трае пократко, од 28 до 30 август. Како што соопшти дирекцијата на фестивалот, Комисијата за заразни болести го одобрила подготвениот протокол за негово организирање.
-Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, поради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видеочитања. Специјално видеообраќање како и видеочитање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60-то издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен „Златниот венец“, заедно со лауреатот за 2021 година, соопштија од СВП.
Повеќе од 30 домашни и странски поети ќе учествуваат на главните фестивалски читања. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем-поети од земјава и од странство.
Согласно со протоколите за организација на настани во услови нa пандемија, СВП подготви предлог-протокол за одвивање на фестивалот, што беше одобрен од Комисијата за заразни болести. За намалување на ризикот од ширење на вирусот, како и заштита на здравјето на учесниците и на публиката, оваа година има измена на локацијата на одржување на фестивалот. Најсоодветна алтернатива за организација на програмата, наведуваат од СВП, е покриената тераса на хотел „Дрим“, на која и вообичаено се одвиваат дел од програмските активности во редовните изданија на фестивалот.
– Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, но програмата на фестивалот, почнувајќи од минатогодишното издание, целосно се пренесува во живо на официјалниот Јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од поширок аудиториум. Престојот на учесниците е регулиран согласно протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија. Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје – Струга – Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија, се наведуива во соопштението од дирекцијата на Струшки вечери на поезијата.
извор: курир.мк