Хрватскиот музичар и поранешен лидер на групата „Нови фосили“, Рајко Дујмиќ (65), почина по сообраќајната несреќа што ја доживеа минатата недела. Композиторот Ненад Нинчевиќ, еден од најблиските пријатели на починатиот Дујмиќ, за хрватските медиуми изјави дека семејството Дујмиќ решило да ги донира неговите органи.
Нинчевиќ по сообраќајната несреќа беше со семејството Дујмиќ и најави дека погребот ќе биде следната недела на гробиштата Мирогој во Загреб.
„Ми беше многу тешко сите овие денови. Рајко имаше добро срце и мека душа. Ова е далеку од она што се пишуваше за него последниве години. Бевме пријатели 35 години и никогаш не се скаравме. Тој беше апсолутен позитивист и повремено се самоуништуваше и тоа беше единствената негова маана“ – рече Нинчевиќ за „Вечерњи“.
Тој истакна дека особено го цени гестот на семејството да ги донира неговите органи.
„Семејството направи еден хуман гест и нешто што би го поддржал и самиот Рајко. Тој не може да умре. Тој ќе живее преку неговите песни, а сега и кај некои други луѓе. Можеме да бидеме сигурни дека тој ќе остане со нас засекогаш. Слушајте како ја пееше „Милена“. Тоа не може да го отпее некој што нема душа“ – изјави Нинчевиќ.