На концертот, Трајковска ќе се претстави со својот музички опус и на него ќе настапат и нејзините долгогодишни колешки како гудачки квинтет и „Трио Џентлмен“.
– На програмата се вкрстуваат авторски композиции во специфичниот израз на Пламенка Трајковска, романтични теми, македонски и теми од класичната музика. Атрактивноста на концертот произлегува од специјалните технички и мултимедијални елементи автентични за Пламенка Трајковска, информираат организаторите на концертот.
Пламенка Трајковска е еминентна виолинистка, членка на државната Филхармонија, како и на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“.
Автор е на албумот „Апасионато“, единствениот македонски музички албум со вкрстување на класичната и модерна музика, потоа на сингловите „Светулки„ – создадени во поп романтичен стил, а креатор е и на неофицијалниот музички албум „Црвената виолина“ со интерпретации на латино теми. За најмладите минатата година го издаде музичкиот албум „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс, адаптиран за виолина и пијано.
Развојот на камерната музика и доближувањето на класичната музика до најшироката публика се повод и причина да реализира бројни музички проекти, меѓу кои оркестарот „Ода на радоста“ составот „Келтикум“,Танго трио„ и бројни мултимедијални проекти како што се „Музика и филм“, „Музика и цртан филм“, „Белата виолина“ и многу други. Проектот „Класика за деца“ на Трајковска има за цел на најмладите да им овозможи присуство на концерт на класична музика.
Има реализирано голем број на концерти во земјава и на најзначајните културни манифестации како што се „Скопско лето“, „Бит фест“, „Штипско културно лето“, „Петровденски ракувања“, „Топол културен бран“, „Караманови средби“, „Кавадаречка културна есен“. Има настапи и на концертни сцени во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција и Танзанија.