Познатиот италијански композитор на филмска музика и добитник на Оскар, легендарниот Енио Мориконе почина на 6 јули 2020, на 91-годишна возраст, јавуваат локалните медиуми. Мориконе починал поради компликации по скршеницата на бутната коска, која ја скршил минатата недела откако паднал.
Мориконе компонираше повеќе од шеесет години и за тоа време има направено музика за повеќе од 500 филмови. Пред само три години го освои својот прв Оскар – за музика во филмот „Омразените осумина“ (“The Hateful Eight”).
Маестро Мориконе почнал да компонира во средината на педесеттите години, откако дипломирал на една од најстарите музички академии во светот – Националната академија на Санта Сесилија (Accademia Nazionale di Santa Cecilia) во Рим, каде што дипломирал труба.
Музиката од филмовите „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“,„Беше еднаш во Америка“, „Недопирливите“, „Мадалена“… се само некои од најпознатите светски филмски остварувања за кои неповторливата филмски теми ги напиша големиот Мориконе.
Енио Мориконе беше гостин и во Македонија, каде со својот настап и изборот од неговите најголеми филмски музички дела на концертот во Античкиот театар го отвори фестивалот „Охридско лето“ во 2009-тата година.
Фото: Инстаграм принтскрин/maestro_ennio_morricone