Мегафон

И Скопје дел од глобалниот видеоспот за „Часот на планетата Земја“

И Скопје дел од глобалниот видеоспот за „Часот на планетата Земја“

Како што започнува одбројувањето до најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“, денеска тимот на ова движење официјално го промовираше глобалното видео од светската маркетинг кампања во кое се појавува и инсерт од Скопје!

„Часот на планетата Земја“ претставува најголемата светска еколошка акција, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да испрати силна порака за спас на планетата. Во полуминутното видео, во кое има инсерти од исклучувањето на осветлувањето од повеќе светски метрополи, се појавува инсерт од височина од нашиот главен град Скопје кој ќе ви го одземе здивот!

 

Рекламниот спот е промовира на глобално ниво под слоганот Поврзи се со планетата“, кое е овогодинешното мото на светската еколошка акција „Часот на планетата Земја“, инаку акција на Светскиот фонд за природа WWF, која уште еднаш ќе обедини милиони луѓе ширум светот за спас на Земјата, нашиот единствен дом.

 „Ме радува тоа што WWF и глобалниот тим на Часот на планетата Земја уште еднаш го препознаа трудот кој го вложуваме за оваа акција во Македонија и го поставија Скопје во спотот кој се користи за промоција на овој светски еколошки бренд низ целиот свет. Сметам дека освен што пренесуваме силна порака за спас на планетата, оваа акција претставува и одлична можност за промоција на нашата земја!“, вели Ѓорги Селков, од канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.

Оваа година, кампањата освен што се фокусира на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, истовремено ќе ги поврзе луѓето со планетата.

„Со оглед на тоа што планетата Земја, нашиот заеднички дом, се соочува со двоен предизвик – климатските промени и опаѓање на биодиверзитетот, нашето најголемо светско еколошко движење има за цел да ги мобилизира поединците, бизнисите и владите да бидат дел од разговорот и решенијата потребни за да се изгради здрава и одржлива иднина за сите“, дополнува Селков.

Додека глобалната биолошка разновидност се намалува со невидена стапка, „Часот на планетата Земја“ оваа година ќе ги фокусира своите напори да поттикне поддршка за акција за биолошката разновидност и природата под мотото „Поврзи се со планетата, односно #Connect2Earth.

„Биодиверзитетот и природата се темел и ги поткрепуваат нашите животи, нашите економии, нашето здравје, нашата благосостојба, нашата среќа. Тоа е темелот на нашата жива планета. Денес, додека ја втурнуваме планетата и нејзините природни системи до работ, ’Часот на планетата Земја’ е наша шанса да ја употребиме нашата моќ, како поединци и како општество, да бараме и да преземеме акција за да ја заштитиме оваа наша Мајка Природа во замена за сето она што ни го дава. За доброто на целиот живот на Земјата и на нашата сопствена иднина“, изјавува Марко Ламбертини, генерален директор на WWF International – Светскиот фонд за природа.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 24 март (сабота), кога во 20.30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, „Часот на планетата Земја“ сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. Земајќи го предвид фактот дека минатата година 3,5 милијарди луѓе зборувале за „Часот на планетата Земја“ на социјалните мрежи, се докажува дека движењето е менувач на играта за популаризација на климата и еколошките акции низ целиот свет.

To top