Мегафон

Нова музичка емисја: „Фолк бокс“ на Алфа ТВ

Нова музичка емисја: „Фолк бокс“ на Алфа ТВ

Од понеделник (5 март 2018) на фреквенцијата на Алфа телевизија стартува новиот ТВ-музички проект со наслов „Фолк бокс“ – телевизиски музички магазин кој секојдневно, од понеделник до петок, на гледачите ќе им ги носи најновите информации поврзани со убавата македонска песна. Сите настани, промоции, премиери и сето она што е поврзано со домашната музика ќе има свое место во „Фолк бокс“. Секојдневната 15-минутна музичка порција ќе значи интересни прилози од терен, гостувања во студио и топ листи, место каде пејачите конечно ќе можат да покажат што сработиле. „Фолк бокс“ е нашата арена на која оние кои со години го бараа својот медиумски простор за да покажат што сработиле, ќе можат да си ги измерат силите.

„Нашата идеја е да понудиме простор на пејачите за да покажат што работат. Сметаме дека вакво нешто му недостасуваше на медиумскиот простор, но и на домашната музичка сцена“, вели Борче Нечовски, првиот човек на Бокс продукција, која стои зад проектот.

Уредник и водител на емисијата, пак, е Александра Тимковска.

„За мене беше предизвик да бидам дел од тимот кој стои зад овој проект, затоа што со години сум љубопитна, се разбира, како човек од светот на естрадата и медиумите, што ќе понудат музичарите. Одамна ја слушам истата приказна, особено меѓу фолкерите – дека немаат свое место во медиумите и дека сето она што го работат нема каде да се емитува и кој да го види. Шансата сега ја имаат, столчето спроти мене е празно и секогаш подготвено на него да седне некој што сработил нешто“, вели Тимковска.

To top