Мегафон

Битолскиот камерен оркестар со филмски концерти во Битола и Скопје

Битолскиот камерен оркестар со филмски концерти во Битола и Скопје

Откако ја заокружи минатата 2017 година со „Дамската симфонија“, Камерниот оркестар на Битола новата сезона ја започнува со музика од најголемите филмски хитови. Имено, на 18 март во Центарот за култура – Битола, во рамките на концертот насловен „Џон Вилијамс симфонија“ ќе прозвучат теми од „Војна на ѕвездите“, „Супермен“, „Индијана Џонс“, „Паркот Јура“ и „Шиндлеровата листа“, чиј автор е американскиот композитор и петкратен добитник на Оскар, Џон Вилијамс.

Овој спектакуларен концерт на Камерниот оркестар е во соработка со музичари од Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, а солист на виолина е Климент Тодороски.

Само два дена подоцна, на 20 март, истиот концерт ќе има можност да го проследи и публиката во Скопје, во МОБ, со почеток од 20.00 часот. Влезниците за битолскиот концерт ќе бидат пуштени во продажба на 17 и 18 март во билетарницата на Центарот за култура – Битола, додека за  скопскиот можете да ги набавите во билетарницата на МОБ, секој работен ден од 10.00 до 20.00 часот.

To top