Познатите македонски естрадни и музички уметници времето во домашна изолација меѓудругото обилно го користат или онлајн да свират и пеат или да ја вклучат својата инвентивност за создавање на нови музички креации.
Меѓу нив и македонската гитарска гордост, легендарниот Влатко Стефановски, кој како што самиот раскажа во „утринскиот брифинг“ на Слободна ТВ, или свири или снима музика или пак пишува во компјутерот. Патем, следи што се случува чекајќи да улови по некој добар филм на бројните ТВ канали, иако не е пресреќен што мора да е дома, но како што вели, што е – тука е.
„Излегувањата и контактите ми се сведени на нула. Единствено повремено вртам кругче низ маало, колку сосема да не атрофирам. При тоа не комуницирам со никого, а и никого не сретнувам“ – вели Влатко и објаснува:
„Ќерка ми помина 10 години во Италија, јас често одев да ја посетувам или да ја враќам дома и затоа некако чувствувам особена емпатија кон италијанскиот народ кој поминува низ невидена криза во сета оваа трагедија што им се случува. Затоа одбрав еден нивни композитор кој особено го ценам и почитувам, а тоа е познатиот Енио Мориконе, кој е најголемиот жив филмски композитор на планетава. Симнав една негова тема која се вика „Cinema paradiso“, научив да ја свирам и ете со неа сакам да упатам една мисла и поздрав кон нив, со желба за што побрзо надминување на оваа криза. Од дуга страна имаам потреба да ги поздравам и поддржам и жителите на Загреб кои се наоѓаат во двојна неволја: и земјотрес и коронавирус“ – вели Влатко со поздрав и желба да бидеме сите добри, живи и здрави.
Проследете како звучи неговата видеокол – онлајн, гитарска изведба во живо на „Cinema paradiso“:
https://www.youtube.com/watch?v=obbMSO5bivE&feature=youtu.be&fbclid=IwAR2K640dg8UpnkAPs9BDVrI-gkkH7OvSr-FJvQkprJeKiKMdVQQ_WOdEh7g