Заразата се повеќе се шири, коронавирусот зема замав, шпицот се’ уште не го достигнал, бројот на заболени допрва ќе расте кај нас… Прогнозите на стручњаците и лекарите не се баш „розови“, далеку од оптимистички.
Карантин, изолација и купување време… Засега друг лек нема, а ниту пак имаме поинаков избор… Но, затоа едно е сигурно: песимизмот не смее да надвладее, паниката да завладее, да колабира духот на народот. Затоа секој како што знае и умее наоѓа оддишка од реалноста, ги трга мислите од лошите вести со кои сме бомбардирани, се обидува да ја најде убавата страна на изолацијата.
Италијаните тоа го направија со музика и песна по своите балкони и тераси, а ние Македонците или поточно македонската естрада зачна нов вид на борба против коронавирусот, но и депресијата од затвореноста меѓу „четири ѕида“ – со онлајн песна по куќи и станови!
Први кои го скршија мразот се Панчо и Андреј од ар-ен-би дуото „ДНК“. Нивниот онлајн концерт во понеделникот, 16 март 2020 год. од една страна „за жал“, од друга пак, за среќа, беше најпосетениот концерт во нивната кариера! Така барем се изјаснија во своето постконцертно соопштение проследено со пораката: #СЕДИ_ДОМА #БИДИ_КУЛ
„Со ДНК дефинитивно го имавме најчудниот, но и „најпосетен” концерт во нашата кариера 🙂 Во домашни услови, без публика пред нас, но со вашата интерактивна поддршка, таа ОГРОМНА ЉУБОВ и ЕНЕРГИЈА која ни ја дадовте во тие два часа се почувствувавме како да пееме на Coachella :), а и бројките на стримингот беа слични (преку 113.000 прегледи на видеото и повеќе од 170.000 рич на постот. Се надеваме дека барем малку ви ја разубавивме вечерта и барем за кратко ви ги стопливме срцата и ве оттргнавме од негативните мисли од епидемијата наречена корона која го опфати целиот свет, а, за жал, не ја рипна и нашата Македонија. Целта и пораката на нашиот „концерт” беше и повеќе од јасна #СЕДИ_ДОМА #БИДИ_КУЛ, а со самото тоа помагате на сите околу вас и само така заеднички и сложно можеме да го победиме вирусот и да се вратиме на нашето секојдневие. Мора да се заблагодариме на членовите на целиот бенд, Стојан Стојановски за перфектниот стриминг, Оли за звукот, луѓето од @eam_tshirts за направените маици и сите наши (дури двајца) колеги, Теа Трајковска и Огнен Здравковски, фанови и пријатели кои безрезервно не поддржаа во реализација на нашата идеја. Бидете ми живи и здрави, чувајте се, изолирајте се и се гледаме за брзо време во некоја сала или клуб како што е редот, рекоа Панчо и Андреј, по синоќешниот онлајн концерт чија цел беше да се разбие монотонијата и да се направи поинтересно седењето дома.
Видео/аудио концертот на двоецот ДНК, иако во домашен амбиент, беше не само од забавен, туку и од едукативен карактер, а со единствена цел подигање на свеста на сите наши сограѓани да се остане дома, бидејќи токму тоа е најважно во овие тешки моменти.
Останете дома, изолирајте се и следете ги препораките од Министерството за здравство!
Линк од концертот за оние кои го пропуштија:
Во исто време, истата вечер Александар Митевски, Драган Спасов – Дац и Бојана Скендеровски од студиото на нејзината „Скендеровски продукција“ направија свој мини концерт во живо. Онлајн седенка, со песни за душа, со избор од македонски и не само македонски евергрини и хитови.
„Дац и Александар одлучија да Ви направат изненадување .За да ви го разубавиме малку вашето “седење дома”, во понеделник 16 март во 20 часот Ви подготвуваме мала музичко-забавна програма која ќе зрачи од студиото на „Скендеровски“. Оваа седенка со сите Вас во домашна атмосфера ќе оди ВО ЖИВО на Youtube и нашата Фејсбук страница.Со сет од наши и ваши омилени песни, ќе промуабетиме за интересни нешта, а низ програмата домаќин ќе ни биде Бојана Скендеровски. Ќе ве потсетиме на препораките од Министерството за здравство, а со нашата музика “ќе дојдеме на гости” во сите Ваши домови. Бидете со нас“ – напишаа во најавата на нивната седенка со песни за душа, која имаше исто така солидна онлајн видеопосетеност.
Македонската поп дива Калиопи Букле со истата идеја. Со своите песни на онлајн дружба со своите фанови. Таа нив ги повика вчеравечер, 17 март 2020год. точно во 19.00 часот да и се приклучат и да ја следат на Инстаграм – лајв… за да пеат заедно!
„Драги мои, песната отсекогаш била најголемата молитва! Во овие тешки денови, најважно е да ја одржуваме нашата вера жива.
Сведоци сме на нешто што никогаш не се случило во човечката историја !!!! Светот никогаш не бил ставен во карантин !!!!! И од таа причина, кога сè ќе заврши и ќе снема …. ќе им раскажуваме приказни на внуците, ќе ги прераскажеме настаните и инцидентите и се надевам дека ќе научиме да бидеме подобри луѓе од оваа ситуација …
Ајде да пееме заедно вечерва и секој втор ден, во живо на Инстаграм! Вечерва планирам да пеам „Црно и бело“ со вас … Се гледаме во 19 часот“ – ги повика фановите преку Инстаграм, Калиопи.
„Утревечер пееме повторно заедно, бидејќи музиката и насмевката лечат сѐ! Сега е време да ги избереме песните ! Која песна би сакалe да ја пеете со мене?Ќе ги пееме оние 3 песни кои што ќе имаат најмногу гласови од вашите предлози на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube“ – напиша Калиопи на својот Инстаграм профил канејќи ја својата публика одново на „домашна онлајн журка“!
Во овие времиња на домашна изолација, покрај сите домашни обврски или оние работните, кои можат да се вршат и од дома, малку релакација на духот, на сите ни недостасува. Веруваме дека ова нема да запре овде, дека ќе стане нешто што во нормални услови би го нарекле тренд, а во вакви, почеток на една дружба што ќе трае и на која ќе и се приклучат и многу други музичари и пејачи од разни жанрови, но и останатите уметници… Поети, сликари, актери… Зошто да не проследиме поетско читање, некоја монодрама или видео изложба од дома, онлајн, во однапред закажан термин?