Британските музички награди, познати како БРИТ-награди, вечерва ќе бидат доделени по 38. пат, а како и во изминативе неколку години, манифестација од лондонската арена „О2“ ќе можат да ја проследат гледачи од целиот свет на директниот пренос на Јутјуб.
Според бројот на номинации годинава предводи младата британска ѕвезда Дуа Липа, која е во трка за пет статуетки, а веднаш зад неа е колегата Ед Ширан со 4 номинации. Музичарите ќе имаат и свој настап во живо, а покрај нив ќе ги видиме и „Фу фајтерс“, Џастин Тимберлејк со Крис Стејплтон, „Рег-ен-боун мен“ со годинашната добитничка на наградата Избор на критиката – Џорџа Смит, а Рита Ора и Лиам Пејн ќе го изведат дуетот од филмот „50 нијанси ослободени“.
На списокот на изведувачи е и Стормзи, кој е номиниран за најдобар британски машки уметник и чиј албум „Gang Signs & Prayer“ е во трка за британски албум на годината, како и Сем Смит, кој за жал не доби ниту една номинација.
Водител на настанот овој пат ќе биде англискиот актер и комичар Џејк Вајтхол, а сето тоа ќе можете да го следите на Јутјуб со почеток од 20.30 часот.