Бадник, ден пред големиот христијански празник Божик… Денот уште рано изутрина започнува со Коледе и коледарчињата а завршува со семејната вечера и традиционалното крешењето лепче со паричка. Бадник вака некако отприлика го минаа сите, само не таа… Новопечената пејачка, мисица и модел Кристина Димитриевска.
Веројатно понесена од еуфоријата од излегувањето на нејзината нова песна, „Само парфем обуци“, русокосата убавица „ги измешала брзините„ или поточно, ги измешала празниците, па денот на Христовото рожество го доживеа како денот на шегата!?
Балканската убавица Бадник го славеше облечена како да е 1-ви Април!!? Костимирана како популарниот женски лик Лара Крофт од некогаш многу актуелната видеоигра „Томб Рајдер“, Кристина Димитри(евска) на најсемејниот христијански празник му направи „Априлилили“!
И додека сите споделуваа фотографии на социјалните мрежи од бадниковата трпеза, кршењето на лепчето, погачата или питата и паричето, русокосата се сподели себе си и наоружана до заби, со пиштоли околу половината од обете страни.
Едни велат: Прости и Боже, русокоса е… Не го погледнала календарот, па ги измешала празниците“. Други пак веќе имаат предлог – идеја за новата пејачка, кога е маскирањето во прашање: Вака костимирана за некој ден да се појави на карневалот во Вевчани, а за 1-ви април…? Кристина да излезе во град „облечена само по парфем“!
Сепак, за да нема забуни и недоразбирања, русокосата убавица беше само една од многуте тетовки и тетовци кои и овој Бадник масовно излегоа маскирани по улиците и кафулињата и ја покажаа својата креативност и посветеност на една од најуникатните традиции на градот.
Тоа што е карневалот во Вевчани за Василица или „Струмичките тримери“ – карневалот во Струмица, тоа во Тетово е таканаречениот „Б’дњикарскиот маскенбал“, уште познат и како карневал „Б’дње бабе“!