Остануваат уште неколку дена до крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, а сите се радуваат на Новогодишните и Божиќните празници бидејќи тогаш се собираат семејството и пријателите.
Актерот Васил Зафирчев кој имаме прилика да го гледаме во улогата на Марио во „Преспав“ во интервју за музика24 откри како се подготвува за престојните празници.
„Новогодишните и Божиќните празници секогаш ме асоцираат на детството, топлината и хармонијата во домот, заедничките мигови споделени со семејството и најблиските, но и добрите и хумани дела за оние на кои тоа им е најпотребно. Ја сакам празничната атмосфера и украсувањето на домот, но никогаш не чувствувам преголема возбуда или еуфорија. Со оглед на секогаш интензивните професионални ангажмани на крајот од годината, го претпочитам одморот и можноста за релаксација за време на празниците“.
Васил откри дека како дете верувал во приклазните за Дедо Мраз.
„Само како дете верував во приказната за неговото постоење и со нетрпение го очекував негово доаѓање. Сега како возрасни, суштината и значењето на неговиот лик и порака треба да ја практикуваме самите, секогаш настојувајќи токму ние да бидеме нечив Дедо Мраз, кој ќе ги подготвува убавите изненадувања за другите и ќе ги исполнува желбите на оние кои ги сакаме и кои ни значат“ раскажува Васил.
Бидејќи за Новогодишните празници традиција и обичај е да си купуиваме подароци за најмилите, новогодишни пакетчиња, Васил откри дека тој како дете ги ставал новогодишните чорапчиња под елка со надеж дека следното утро ќе најде подарок.
„Како многу мал да, со голема возбуда и радост ги оставав новогодишните чорапчиња под елката, силно надевајќи се дека следното утро во нив ќе го најдам она што сум си го посакал. Во најраните години од детството мојот Дедо Мраз тоа го правеше тивко, нечујно и невидливо за мене. Подоцна почна и вистински да се појавува на вратата од мојот дом, точно на полноќ, лично предавајќи ми го најпосакуваниот подарок. Голем дел од тие подароци и ден денес ги чувам со внимание и секогаш ме потсетуваат на таа невидена детска радост за време на празниците“, вели за музика24.
Васил објаснува дека за Нова година сака да патува, а доколку не е во можност, тогаш сака да биде во домашна атмосфера.
„Не сум љубител на големите и луди забави за дочекот на Новата година. Повеќе ја сакама топлата, едноставна и опуштена празнична атмосфера на домот, со секогаш одбрано друштво со кое делам исти погледи на светот и исти животни значења и суштини. Првиот ден по дочекот со задоволство го следам новогодишниот виенски концерт, а за време на празниците уживам во читањето и филмската програма“, вели актерот.
Зафирчев откри дека Новата година ќе дочека дома во кругот на семејството
„После интензивната работа и многуте ангажмани, за дочекот на Новата година конечно дома. Со себеси, со моите родители, шицуто Беба, фамилијата, најблиските пријатели и сите оние ми значат живот. А во следните денови по дочекот, можно е и патување во некој спа центар или на некое планинско одморалиште“ вели Васил.
Зафирчев истакна дека 2019 година ќе ја памети по серијата „Преспав“, новите претстави во театар, многу изведби, но и по неколкуте освоени награди, а на приватен план ќе ја памети по хармонијата со самиот себе, нови животни пријатели, но и по тажната страна на животот, односно по загубата на блиски пријатели и колеги.