Мегафон Интересни и атрактивни претстави

Репертоар на театрите во Скопје за февруари 2018

Репертоар на театрите во Скопје за февруари 2018

Репертоарот на театарските куќи во главниот град во февруари продолжува со несмален интензитет со изведба на интересни и атрактивни претстави речиси во сите денови од месецот. Погледнете што се нуди месецов на сцените на МНТ, Драмски театар, Албанскиот и Турскиот театар, ТДМ и Театар Комедија…

 На сцената на Македонскиот народен театар минатата недела се прикажаа претставите „Силјан штркот шанца“ и  „Брачна игра“, која ќе има повторна изведба на 13 февруари. До крајот на месецов љубителите на театарската уметност во МНТ ќе можат да ги проследат и претставите:  „Електра“ (7 февруари), „Не се клади на Енглези“ за која континуирано се бара билет повеќе (12 и 27 февруари), „Кец на десетка“ (14 февруари), „ Животот на Молиер“ (15 февруари), „Тероризам“ (16 февруари), „Говорна мана“ (17 февруари), додека, пак, 18 и 19 февруари се денови во кои на репертоарот е мјузиклот „Мама миа“ кој предизвика голем интерес кај македонската публика.

Во втората половина од месецот на сцената на МНТ ќе биде прикажана претставата „Свадбата на фигаро“ (20 февруари), а на 21 февруари премиерно ќе биде одиграна претставата „Госпоѓиците од Авињон“ која ќе има и  реприза на 22 февруари, а на 23 и 24 февруари ќе биде изведена претставата „Ничија земја“. Последна на репертоарот за овој месец во Македонскиот народен театар е претставата која е копродукција меѓу Скопје филм студио и МНТ, „Разговор во четири очи“, која ќе биде одиграна на 28 февруари.

Динамичен февруарски репертоар со разновидни претстави има и во Драмскиот театар. Минатат недела на сцената на Драмски се изведоа претставите „Атена со пенис“ и „Секс, дрога и рок и рол“.  Следуваат изведбите на „Солунски патрдии“ (6 февруари), „Чолак“ (8 и 13 февруари), „Лет над кукавичјoто гнездо“ (9 и 27 февруари), „Капетанот Џон Пиплфокс“ (10 февруари), „Буре барут“ (15 февруари), „Снежана и седумте џуџиња“ (17 февруари), како и премиерата на претставата „Како да се ограби банка“ закажана за 23 февруари, а се предвидени и нејзини изведби на 22 (претпремиера), 24 и 28 февруари.

На сцената на Албанскиот театар, во текот на овој месец ќе се одигра претставата „Жените“ по Роберт Томас во режија на Ќендрим Ријани (на 12 и 19 февруари), кој е режисер и на претставата „Вечера на ронките“ од Рефет Абази што ќе се прикаже на 14 и 15 февруари. Претставите ќе се одржат во објектот на Театар Комедија.

На репертоарот на Турскиот театар, кој исто така ја дели привремено сцената со Театарот Комедија, ќе бидат прикажани претставите: „Среќна Нова година“ (4 февруари), „Халифот штрк“ (12 и 20 февруари) и „Кралот Лир“  (15 февруари).

Театарот за деца и младинци овој месец прикажува некои од најпопуларните претстави за најмладите, и тоа: Минатата недела се изведоа „Волшебната флејта“и „Убавицата и ѕверот“ која ќе се игра и на 24 февруари, а следуваат „Пипи долгиот чорап“ (8 февруари), „Гига мега бајка“ (9 февруари), „Малата сирена“ (19 февруари), „Снежната кралица“ (11 и 15 февруари), „ Пепелашка“ (16 февруари), „Црвенкапа“ (17 февруари), „Мачорот в чизми“ (18 февруари).

До крајот на февруари во ТДМ ќе се одиграат и претставите „Грдото пајче“ (22 февруари), „Бајка за царот Нај“ (23 февруари), „Цветната улица“ (25 февруари). Театарот за деца и младинци на 6 февруари организира и посебен настан во чии рамки ќе биде одбележан јубилејот – 20 години творење во сопствен простор, како и две децении од премиерната изведба на претставата „Убавицата и ѕверот“ која е рекордно најиграна претстава во Република Македонија.

Театарот Комедија во првите денови на февруари ги прикажа хитовските претстави „Мечка“, „Жена ми се вика Борис“ и „Нешто пропуштаме“, следуваат „Бракот е брак“ (7 февруари), „Вардарски пастуви” (8 февруари), „Првин ќе ме земеш…“ (10 февруари), „Чао пријатно“  (11 февруари), „Стујардеси“  (13 февруари), „Дони Дарк“ (14 февруари), „Мечки“ (16 февруари).

извор:cooltura.mk

To top