На големото финале од 34-то издание на „Макфест“ каде беа изведени 20 композции, победничка е песната насловена „Стопати на ден“ на младиот кумановец Мартинијан Кириловски кој на првата полуфинална вечер го отвори фестивалот, но и го затвори на финалето како победник со освоени пет илјади евра.
Второто место е на Александар Митевски и Драган Спасов Дац со песната „Уште ми фалиш“ кои освоија три илјади евра.

Третата позиција според гласовите на жирито и комисијата, отиде во рацете на гостинките од „Фрајле“ кои настапија со македонска песна „Не признавај“ и освоија награда од илјада евра.

Освен првите три места, на „Макфест беа обезбедени и уште четири технички награди во вредност од 500 евра, а им припаднаа на: најдобар аранжман за „Кој те учи така“на Лара, односно Иле Спасев, најдобар сценски настап беше оној на Мартија Станојковиќ за „Возбуда и љубов“, најдобрата вокална интерпретација и припадна на Росана Сариќ Тодоровска, додека наградата за најдобар дебитант, отиде во рацете на Славица Ангелова и „ Љубовта не боли“.

Инаку, финалето на фестивалот во градот под Исарот беше поделено во 4 блока каде настапија финалистите(по 10 од првата и втората вечер), а ревијалниот дел и беше препуштен на Тамара Тодевска која пееше свои песни со кои настапила на фестивалот во изминатите години.

Сртучното жири, според организаторите, беа луѓе со истенчен вкус за препознавање на добра музика, меѓу кои се најдоа: Јошко Бошковски, музички уредник на Мрт, Виолета Арсовска, оперска певица, Ивана Ѓорѓевиќ Јанков, од универзитетот Гоце Делчев Штип и Кирил Панајотов, технички директор на „Макфест“ кои заедно со публиката присутна во салата одлучучија кој ќе замине со награда.
34-то издание на „Макфест“ го обележаа претежно балади, но и неколку брзи композиции во електронски ритам кои ги отпеаја помладите изведувачи и дебитанти.