Мегафон

Србија и Црна Гора го враќаат националниот евровизиски избор: Повторно „Беовизија“ и „Монтевизија“

Србија и Црна Гора го враќаат националниот евровизиски избор: Повторно „Беовизија“ и „Монтевизија“

По пауза од девет години, Србија ја враќа одлуката за евровизиска песна и претставник во рацете на публиката, возобновувајќи го националниот избор „Беовизија“, соопштија деновиве од националниот сервис РТС. Настанот е предвиден да се одржи во втората половина на февруари, кога за билет за Лисабон ќе се натпреваруваат 17 изведувачи, меѓу кои и Рамбо Амадеус, кој во 2012 година ја претставуваше Црна Гора.

Од вкупно 75-те пријавени песни на конкурсот, зелено светло доби и Даниел Павловиќ за својата „Ружа судбине“, како и составот „Севдах бејби“ за темата „Хајде да играмо сада“, а меѓу финалистите се и: Сашка Јанковиќ, Иван Куртиќ, Сања Илиќ и „Балканика“, Душан Свилар, Маја Николиќ и други.

Промена во изборот годинава прави и Црна Гора, повторно организирајќи го фестивалот „Монтевизија“, кој досега се одржал само два пати, во 2005 и во 2006 година. Во рамките на годинашното издание, на 17 февруари ќе се натпреваруваат 5 композиции, а ќе ги изведуваат: Лорена Јанковиќ, Нина Петковиќ, Вања Радовановиќ, Ивана Поповиќ Мартиновиќ и Катарина Богиќевиќ. Финалистите беа избрани од стана на стручно жири, во кое членка беше и Исмета Дервоз, која ја претставуваше Југославија во 1976 година како дел од групата „Амбасадори“, а беше и шефица на делегацијата на БиХ за нивното деби во 1993 година.

Како што е познато, Македонија во последен момент успеа да обезбеди учество за годинашното издание на фестивалот, а имајќи предвид дека сите композиции треба да бидат објавени до март, официјална информација од МРТ би требало да добиеме наскоро. Веќе в понеделник, 29 февруари, ќе дознаеме и во која полуфинална вечер ќе настапуваме, а влечењето жрепка ќе биде пренесувано во живо на Јутјуб со почеток од 13.00 часот.

63. издание на „Евровизија“ ќе се одржи во главниот град на Португалија, Лисабон, а трите фестивалски вечери се закажани за 8, 10 и 12 мај.

Извор:РадиоМК

To top