Со двочасовен настап на Хусну Сенлендиричи, Исмаил Тунчбилек и Ајтач Доган членови на Таксим Трио од Истанбул, Турција вчера вечер започна четвртото издание на „Џез фест 2019“ во центарот за култура во Тетово. Тројцата музичари на кларинет, баглама и канун го презентираа музичкото наследство на Турција во џез форма. Во текот на настапот триото на сцената го повика 10 годишниот ученик Ерденај Салиу од Тетово со кого комуницирале од порано за да тој да настапи заедно со нив со неговиот кларинет.
– Овој четврти по ред „Џез фест“ укажува дека манифестацијата стана сериозен уметнички бренд кој ќе ја промовира џез културата во нашата земја. Тетовскиот џез феставал со својата куса но значајна уметничка биографија е една од манифестациите кај нас кои со одличниот избор на музичари овозможи и Тетово да биде дел од глобалната џез сцена, рече на отворањето министерот за култура Хусни Исмаили.
Четвртото издание на „Џез фест“ ќе понуди пет настапи на музичари од вечерва до недела 15 септември во Центарот за култура во Тетово.
– Отворањето е вечерва со почеток во 20 часот со главните гости на фестивалот „Таксим Трио“ кои доаѓаат од Истанбул, Турција. Врз основа на традиционалната турска музика инкорпорираат класичен џез. Втората вечер настапуваат браќата Тавитијан, едни од најпознатите музичари од Македонија со интернационална кариера заедно со Рани Круја музичар по потекло од Мароко. Рани Круја соработувал со Стинг, Питер Габриел, Принц, Ени Ленокс, Чик Кореа и многу други, информираат организаторите.
Линда Рукај гитаристка од Албанија, настапува во петок од 20 часот со музичари од цела Европа, додека гитаристот Агрон Пени од Косово со бендот на четвртата вечер во сабота во истиот термин. Фестивалот завршува со настапот на музичари од цела Македонија во недела од 19 часот како квинтет заедно со вокалот Нита Речи од Струга.