Има една народна поговрка која вели: „Не се истрчувај како прле пред магаре“… Најверојатно зашто прлето не може да си го мери со магарето… капацитетот, се разбира!
Токму така некако може да опише и скандалот или барем близу до тоа што се случи на последниот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, каде актерот и „пејач“ Драган Спасов – Дац настапи во дует со авторот и пејач Александар Митевски, со неговата песна „Цреши охридски“ со која наидоа на одличен прием и кај публиката и кај жирито.
Арно ама, откако поголемиот број на гласови при гласањето отиде кај Биба Додева, на глумецот ем пејач, му се сторило сомнително дека некој ги краде… Или како што самиот за „Фокус“ изјавил:
„Имаше многу реакции од публика кога Додева беше прогласена за победничка, а ние останавме на второ место со еден поен помалку од неа. Ми се јавија и луѓе од Скопје кои го следеле гласањето и тие ми кажаа дека има проблем во бодувањето, односно дека ние сме победници. Јас излегов на сцената и побарав да видиме за што станува збор, а публиката ме поддржа. Значи, ништо страшно не се случи, не е ова нешто лично против Додева, напротив, само побарав да се пребројат гласовите по реакциите на публиката“ – појаснува актерот, кој од неодамна започна со дуетски настапи со Митевски.
Вели дека на крај се испоставило дека гласањето било во ред, по што на Биба и го честитале првото место и се фотографирале.
„Нема никаков скандал, се работи за недоразбирање кое се реши, а на Биба Додева од се срце и го честитав освоеното прво место на поп вечерта на Охрид Фест“ – додал Дац за „Фокус“.
Арно ама, резилот за сомнежот при бодувањето не остана незабележен од медиумите, а „црвот на сомнеж“ во „Црешите охридски“ на Дац и Митевски се покажа дека го немало… оти сомнежот испадна неоснован!
„Црешите охридски“ рака на срце, ем добри, ем зрели за награда, ама тој што се истрча да ги фали повеќе од потребното, испадна… „трула вишна“!