Четириесеттото „Скопско лето” завршува вечер со вокално-инструментален концерт „70 лета” на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец”, кој годинава одбележува седум децении постоење. Концертот ќе се одржи на плоштадот „Карпошово востание” со почеток во 20.30 часот.
„Танец“ е формиран во 1949 година со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство и да го претставува во земјата и надвор од нејзините граници. Оттогаш ансамблот има бројни кореографии, илјадници концерти низ светот, огромен фонд на песни, ора, оригинални носии и сценски адаптации. Поради тоа и го носи епитетот симбол и амбасадор на македонскиот фолклор, подвижен музеј на македонската духовна култура.
Ансамблот имал повеќе од 4.500 концерти во земјава и во светот пред околу осум милиони гледачи. Седумдесетгодишнината од основањето „Танец“ пред еден месец во Националната опера и балет ја одбележа со свечен јубилеен концерт насловен „Во чекор“.
извор:мкд.мк