Пејачката Добрила Ивановска Чaбриќ (93) од Дојран тешко е повредена во сообраќана незгода што се случила завчеравечер. Добрила тргнала за Охрид, каде викендов требало да учествува на фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури 2021“, но со нејзиното возило излетала од патот и поради повредите завршила во болницата „Св Еразмо“ во Охрид.
Сообраќајната незгода ја потврдиле и од СВР Охрид и од МВР.
Завчеравечер во 20.40 часот во СВР Охрид, пријавено е дека на магистралниот пат Ресен-Охрид, на влезот за селото Свиништа, патничко моторно возило „Опел“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Д.И.Ч.(93) од Стар Дојран, излетало од коловозот. Во незгодата Д.И.Ч. се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. На местото на настанот, увид извршила увидна екипа од СВР Охрид, потврдиле од МВР.
Неофицијално, до несреќата дошло заради мало невнимание на пејачката која сама го управувала возилото. откако во еден момент изгубила контрола над управувачот додека му се обраќала на своето кученце, кое било со неа во автомобилот.
„Има фрактура во пределот на коленото и набиеница на главата, а ќе и се прават и дополнителни снимања. Свесна е и контактибилна. Неодамна имала операција, при која и е ставена и протеза на колкот. Сега и е ставен гипс, бидејќи од она што го видовме пациентот не е за операција на коленото и ако компјутерот на глава покаже дека е во ред, дека е стабилна ќе ја пуштиме да си замине дома со имобилизирана нога“ – изјавил директорот на болницата д-р Ацо Велевски за ММС.
Инаку ова не и е прва ваква сообраќајна незгода на Добрила. Таа во Март годинава при своето гостување во емисијата „Магазин“ на ТВ Сител, раскажа за уште една ваква случка, поточно сообраќајна незгода која и се случила додека се враќала од Србија.
Добрила раскажува дека била во центарот на Белград и дека било 16 часот кога нејзините и се јавиле дека до 20 часот мора да биде во Македонија бидејќи се затвораат границите поради пандемијата со коронавирусот.
„Јас набивам 130-140 км на час и кај Лесковац, една кола беше пред мене, а беше веќе пред стемнување и нагло застана, и јас за да не го удрам, нагло на лево, бам во банкина, одзади ми ја удри колата тој, па на десно, па на лево, и отидов во тревата. Застанав, и почнав да се тресам. Значи, толав рефлекс на таа брзина, за да не го удрам човекот. Кога гледам доаѓа и ми вели:
„Абе, сестро, дали си заспала ти?“ Абе, како заспала, ти застана. Абе, на мене ми се дупна гумата“ – вeли тој. Јас се тресев. И, си тргнав полека, и оттогаш јас повеќе од 80-90 не возам“, раскажува Добрила.
Ве потсетуваме, дека Добила во 2018 победи во регионаното музичко шоу „Никогаш не е доцна“ каде што со својата енергија, харизма, талент… успеа да го освои регионот.
Уште со првото појавување на музичката сцена на „Гранд“, таа ги освои симпатиите како на присутните, така и на публиката и ТВ гледачите, по што беше наречна “чудо од баба“.
Целото интервју за Магазин може да го погледнете подолу.