Република Македонија денеска одбележува 31 година од својата независност, односно од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
По повод 8 Септември – Денот на независноста во организација на Владата под мотото „Обединети во слободата“ ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава.
Централната прослава ќе се одржи на платото кај паркот Ибни Пајко, каде ќе се обрати и премиерот на Република Македонија, Димитар Ковачевски, по што планирани се изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи. Во рамки на свечената прослава, ќе се одржи и атрактивно шоу на диск-џокеј, а истата ќе се пренесува во живо и на Националната радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата.