Во неделата на 04.06.2023 година, учениците од музичкото училиште „Ентерпрајз“ во летниот клуб „Хавана“ поставија стандарди кои се тешко достижни и за професионални музичари. Изведоа 28 мошне сериозни композиции, на кои работеа напорно во изминатиот период.
Децата пееја и свиреа од душа, со почит, токму како што и доликува на музичката уметност. Клубот „Хавана“ беше преполн, до таа мерка што немаше игла каде да падне. Според извори од персоналот и организаторите, присутни биле повеќе од 800 посетители. Едвај можеше да се влезе, а камо ли да се стаса до шанкот за да си земете освежување на спарното време.
“Младите музички таленти изведуваа преработки на рок нумери од познати светски поединци и бендови како: „Queen“, „Red hot chili peppers“… а за прв пат се изведуваа и македонски кавери, односно нумери на познатите македонски рок бендови како „Архангел“ или „Санаториум“ на пример…
Многу сум горд на сите нив, не можам да се соземам од среќа! Им честитам на сите наши ученици и им посакувам весел и среќен распуст, а од септември ќе продолжиме да се бориме со нови предизвици. Нашиот предавачки тим под водство на Фани Скендеровска (организација и менаџмент), составен од:
Дамјана Апостоловски (пијано и пеење), Ѓоле Максимовски (бас гитара), Стефан Петановски (гитара), Неврус Бајрам (гитара)
Антоние Весковски (тапани)… несебично работеше во текот на целата учебна година и нивна е заслугата за квалитетот на музиката која нашите ученици ја интерпретираат.
Драги мои немирни Ентерпрајзовци:
Летово ќе се одмориме добро, а веќе од самиот почеток на септември (или малку порано) започнуваме со работилници и семинари кои ќе не воведат во новата учебна година.
До тогаш, уживајте во заслужениот распуст, наполнете ги батериите и одиме понатаму, да ги рушиме сите бариери.
Вчера покажавте дека сте најдобри и дека никој не може да ви го одземе тоа што го носите во вас. Ништо не е посилно од искрената љубов кон музиката!
Ве сака вашиот најголем фан и малтретатор на пробите“ – напиша на својот Фејсбук профил познатиот македонски музичар и музички продуцент, член на „Меморија“, Валентино Скендеровски кој е воедно и основач и сопственик на музичкото училиште „Ентерпрајз“.