Вечерва во ВИП арената „Борис Трајковски“ ќе се одржи 21. издание на „Златна бубамара на популарноста“, чие мото годинава гласи „За подобар живот“. Првиот човек на манифестацијата, Ранко Петровиќ најави уште еден спектакл: „Шоуто го приспособуваме кон една голема сала, од која правиме не спортска или концертна, туку телевизиска концертна сала. Во изминатите три недели ја подготвуваме сценографијата за новиот простор и сцената ќе биде првпат така поставена и гледачите на телевизија ќе бидат задоволни“ – изјави тој во неодамнешен разговор за МИА.
Од вкупно 23-те награди што ќе бидат доделени вечерва, познати се добитниците на признанијата за животно дело и за трајни вредности, кои ќе одат во рацете на вокалниот „Октет Македонија“ и поп-дивата Маја Оџаклиевска, како и добитниците за концерт на годината – групата „Меморија“, која вечерва повторно ќе ја изведе легендарната тема „Македонија“ на сцената заедно со нејзиниот автор и оригинален изведувач Дадо Топиќ, кој ќе биде и специјален гостин на „Златна Бубамара 2018“.