Изминаа полни 18 години од стартот на радио емисијата „Охриде не бери гајле“ на охридското Супер радио, водечкиот медиум во овој дел на државата. Жанко и утринската екипа и понатаму остануваат верен утрински пријател на охриѓани, стружани, но и на сите кои го слушаат Супер радио насекаде низ светот на интернет.
Со препознатлив стил и „охридски муабети“, секое утро испорачуваат обрана музика, но и информации од спортот, локални вести, проверени информации и многу забава.
„За нас е многу важно да го започнеме секој ден со насмевка, убава музика и позитивна енергија. Убаво е што емисијата и целокупната програма ја создаваме заедно со нашите слушатели, и тие ја прифаќаат како своја. Годиниве кои се зад нас имавме многу поддржувачи и помагатели, направивме многу хуманитарни, еколошки и спортски акции и планираме да продолжиме и понатаму“ – вели Жанко.
“Супер радио и понатаму останува водечки медиум во западниот дел од државава, со комплетна забавна, информативна и спортска програма. Со просечен неделен досег од 19,1% и дневен од 8,8%, охридското Супер радио и во периодот јануари-март 2024 година останува број 1 медиум во својот регион и еден од најпопуларните во Република Македонија. Податоците се објавени во последната официјална анкета за досегот на радиостаниците и уделот на сателитските, регионалните и локални радио и Тв станици во вкупната слушаност и гледаност во периодот јануари-март 2023 година, изработена за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на Република Македонија.
Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот.